• недела, 24 ноември 2024

Трета сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“ во Кинотеката

Трета сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“ во Кинотеката
Скопје, 14 ноември 2021 (МИА) - Во Кинотеката вчера се одржа третата сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“, која беше посветена на доминантните филмски правци од почетокот на филмот како уметност. Учесниците, ученици од скопските средни училишта, под менторство на филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева прво ги прикажаа и анализираа нивните „домашни задачи“, во кои опсервираат предмети и акции кои им се чинеле интересни за снимање. На вториот час професорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Европа Прима“, филмскиот режисер Саша Станишиќ одржа инспиративно предавање за развојот на филмските правци од почетокот на кинематографијата до денес. Тој посочи дека филмот постојано се менува, и како уметничка форма, и како медиум, и како индустрија на забава. Станишиќ ги „водеше“ учесниците на „Филмската училница“ низ мените на филмските изрази и стилови од пионерските чекори на браќата Лимиер, монтажните атракции на советската школа од дваесеттите години на минатиот век, екпресионизмот на европските автори, златното доба на Холивуд од половината на минатиот век, субверзивноста во изразот на францускиот „нов бран“ во педесеттите и шеесеттите години, главните протагонисти на „новиот Холивуд“ од втората половина на 20от век, од кои некои сè уште активни, па сè до предвидувањата за тоа како ќе изгледа филмот и неговата перцепција во иднина. Станишиќ за сите битни правци од историските епохи на кинематографијата прикажуваше примери, потенцирајќи ја гледната точка од денешниот стадиум на развојот на филмот. Во продолжение учесниците на Филмската училница гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филмови - пропагандниот докуметарец за петгодишнината на Народна Република Македонија, поетско-документарниот филм за рибите во Дојранското Езеро на Славко Јаневски и реалистичкиот „Оган“ на Столе Попов од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Учесниците во „Филмската училница“ имаат можност да ги запознаат и основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура и во него се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење во период од десет недели се запознаа со националното аудио-визуелно културно наследство. Во реализацијата на „Филмската училница“ учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски… сп/

Остани поврзан