• недела, 24 ноември 2024

Трета недела тече семинарот за обука на негуватели за помош на стари лица

Трета недела тече семинарот за обука на негуватели за помош на стари лица

Кичево, 26 мај 2021 (МИА) - Триесет кандидати веќе трета недела го следат семинарот за обука на негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост. Од оваа бројка, дваесет курсисти се од Кичево, додека, десет од Македонски Брод. Семинарот се одвива забрзано и се одржуваат и дополнителни часови, со цел да се обработи целокупната планирана материја, потврди Јане Кочоски од ОО Црвен крст Кичево.

Дополни дека во текот на секоја недела, четири до пет дена се одвива онлајн настава на теоретскиот дел, додека, претежно во саботите, но и во други денови, се спроведува практичната настава на кандидатите, кои за оваа потреба се поделени во две групи составени од по 15 кандидати а практичниот дел се одржува во просториите на Црвениот крст со тоа што наставата секојдневно е продолжена за барем еден час а некогаш и со два до три часа.

- Бидејќи сите се заинтересирани, целокупната планирана материја да се обработи за околу два до два и пол месеци, дневно, покрај планираните 3-4 часа се одржува и дополнителен час а тоа најмногу се однесува на практичната настава на која треба да бидат присутни и кандидатите од Македонски Брод, образложи Кочоски.

Тој потсети дека ако со ваква динамика се одвива наставата, најдоцна до средината на јули ќе биде обработена целата материја и курсот ќе биде успешно финализиран. Обуката на доброволците на овој семинар ја изведуваат еден социјален работник, еден дефектолог, лекар и демонстратор. По завршувањето на овој семинар, лицата кои успешно ги поминале овие предвавања, ќе се здобијат со меѓународно признат сертификат, кој во иднина ќе може да им послужи за вработување како во земјава така и надвор од неа.

Кочоски на крајот истакна дека лицата кои го посетуваат овој семинар доминантно се од женскиот пол, додека интересот на мажите е речиси никаков.

Црвениот крст на РСМ - Општинска организација Кичево, во соработка со Oпштините Кичево и Македонски Брод, го организираат Проектот за развој на социјални услуги - подржани од Министерството за труд и социјална политика и Светска Банка, обуки за негуватели. Со завршување на обуката кандидатите ќе се стекнат со сертификатза негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост и ќе бидат ангажирани во склоп на проектот за развој на социјални услуги - подржан од МТСП и Светска Банка. за/ар/

Остани поврзан