• сабота, 28 декември 2024

Трета Студентска конференција на Земјоделскиот факултет во Штип

Трета Студентска конференција на Земјоделскиот факултет во Штип

Штип, 11 ноември 2022 (МИА) - Студентите ги презентираа своите научни трудови на третата Студентска конференција на тема  „Критични прашања во земјоделството и животната средина“, која денеска се одржа на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип.

Деканката на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсова, рече дека студентите  денеска  имаа можност да се поврзат и со компаниите од бизнис секторот со цел подобро решавање на актуелните предизвици во земјоделието и животната средина.

-Акцентот е ставен на студентите и нивните трудови. Воедно овде се компаниите со цел ги насочат нашите студенти за тоа каде би можеле да се фокусираат после нивното студирање, а и да ги остварат меѓусебните контакти. Овде денес се и дел од нашите дипломирани студенти кои треба да ги споделат своите успешни приказни, истакна Арсова.

Студентите преку своите трудови ги адресираа клучните предизвици во земјоделието и она што се случува во земјоделието во модерниот свет. Универзитетскиот професор Љупчо Николовски вели дека презентирани беа трудови кои ги отвораат прашањата за ефикасното производство, но и за заштедата на енергија.

- Знаеме дека светот ја живее енергскатата криза, па преку вакви видови  трудови може да се отворат некои клучни прашања за решавање на овие проблеми, рече Николовски.

На конференцијата беа презентирани и успешни приказни на дипломирани студенти. Таков е примерот на Филип Камчев, кој студирал Енологија на Земјоделскиот факултет, а денес е успешен производител на сопствено вино за локална продажба. вдј/хс/

Остани поврзан