„Треска на саботната вечер“ – акција на грчката УЈП во ноќни клубови во Солун и Атина
- Разлика меѓу пријавениот и реалниот промет, зголемен промет, откриле, меѓу другото, даночните ревизори од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во акцијата со кодно име „Треска на саботна вечер“, спроведена во 29 ноќни клубови, секоја сабота во период од еден месец почнувајќи од 18 јануари, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 25 февруари 2025 (МИА) – Разлика меѓу пријавениот и реалниот промет, зголемен промет, откриле, меѓу другото, даночните ревизори од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во акцијата со кодно име „Треска на саботна вечер“, спроведена во 29 ноќни клубови, секоја сабота во период од еден месец почнувајќи од 18 јануари, јави дописничката на МИА од Атина.
Една седмица пред почетокот на акцијата, односно во сабота на 11 јануари, ноќните клубови пријавиле промет од 821.000 евра, а во следните саботи кога ревизорите биле присутни од отворањето на клубовите до раните утрински часови, следеле и контролирале буквално сè, било констатирано дека прометот всушност е значително поголем.
Во петте саботи колку што траела акцијата, реалниот промет бил меѓу 1,1 и 1,2 милиони евра.
Во шест од најголемите ноќни клубови во Грција, од почетокот на акцијата просечно бил забележан промет зголемен за 50 отсто, а најголемото отстапување достигнало и до 272 проценти.
Во акцијата биле користени модерни дигитални алатки, како што се електронските податоци за бизнисите; алгоритам на вештачка интелигенција, податоци од платформите за резервации; објави на социјалните мрежи, како и податоци од мапите на Гугл за посетеност на клубовите. ср/ми/