• среда, 18 декември 2024

Тренчевска: Системот на социјална заштита ги апсорбира ранливите категории граѓани, но целта е нивна активација на пазарот на труд

Тренчевска: Системот на социјална заштита ги апсорбира ранливите категории граѓани, но целта е нивна активација на пазарот на труд

Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Како што успешно се справивме со кризата предизвикана од пандемијата верувам дека успешно ќе се справиме и со економско-енергетската криза. Социјалниот систем и реформите покажаа дека во време на криза системот е отворен и стабилен и може да ги апсорбира сите граѓани на кои им е потребна поддршка се до нивно активирање на пазарот на трудот, посочи министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во телевизиската дебата на Клан ТВ.

Министерката, како што соопшти МТСП, зборуваше и за подготовката на планот со мерки и препораки на Владата за штедење во јавен сектор, при што појасни дека  не се работи за намалување на платите во јавниот сектор, туку за изработка на методологија за плати во јавен сектор, поради неусогласеноста на исти работни места во различни институции да се примаат различни плати.

-Станува збор за системско решавање на платите во јавниот сектор, на начин како што ги решивме минималната плата и пензиите, систем што ќе гарантира дека пензиите и минималната плата ќе растат со порастот на просечната плата и трошоците на живот, рече Тренчевска.

Во однос на останатите препораки за штедење, таа истакна дека сите треба да се однесуваат како дома, како и дека се прави оптимизација на вработените  во јавниот сектор, преку  функционална анализа за секоја институција за искористеност на вработените, нивно подобро распоредување и подобро функционирање. Мерки кои ќе овозможат штедење и вложување во економијата и полесен излез од економската криза.

-Недостигот на работна сила и иселувањето е проблем и во многу развиени држави. Како Влада и Министерство имаме план за активација на граѓаните на пазарот на труд. Материјално необезбедените граѓани системот за социјална заштита ги прима, но ако ги оставиме ги правиме пасивни и ја развиваме сивата економија. Реформите од 2019 се насочени примателите на Гарантирана минимална помош да не ги држиме во системот туку да ги активираме на пазарот на труд. Најголем број од приматели на ГМП се работната сила која недостига. Затоа, преку изработка на индивидуални планови за примателите на ГМП од страна на Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, преку обуки, доквалификации, преквалификации се активира највработливиот член во семејството, истакна Тренчевска.

Министерката потенцираше дека за Владата социјалниот дијалог е еден од приоритетите. Со вклученост на претставници на работниците, синдикатите и работодавачите подолго се работи на новиот Закон за работни односи. Закон кој претставува Устав во работните односи. По финализирање на драфт верзијата, за него ќе се отвори широка дебата со вклученост на сите релевантни актери. Таа се осврна на потпишувањето на новиот колективен договор со СОНК, со кој се нудат дополнителни поволности за давателите на услуги во детските градинки.

Таа порача дека дијалогот меѓу Владата, претставниците на работниците, синдикатите и работодавачите  продолжува, затоа што тој е важен и за креирање на нови мерки и од кои придобивка имаат сите граѓани.

-Новите мерки на Владата кои се однесуваат на социјално ранливите категории се креирани во соработка со граѓанските организации кои работат непосредно со лицата со попреченост и социјално ранливите и верувам дека во пресрет на грејната сезона, приходот кој ќе влезе во нивниот домашен буџет ќе биде од помош за полесно пребродување на зимата, посочи Тренчевска. нд/

Остани поврзан