• недела, 24 ноември 2024

Тренчевска: Родовото одговорно буџетирање е моја мисија, долгогодишна посветена работа која верувам дека ќе направи разлика

Тренчевска: Родовото одговорно буџетирање е моја мисија, долгогодишна посветена работа која верувам дека ќе направи разлика

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Родовото одговорно буџетирање е моја мисија, долгогодишна посветена работа која верувам дека ќе направи разлика, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со своето обраќање на состанокот на работната група за економско зајакнување на жените во Западен Балкан, која е во организација на UNDP и Friends of Europe.

Целта на работната група, како што информираат од МТСП, е да ги идентификува предизвиците на жените во делот на подобро економско зајакнување во Западен Балкан. Овој е четврти по ред состанок е организиран во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

-Родовото одговорно буџетирање е тема на која што посветено работам уште од 2007-ма година. Во тоа време овој концепт беше целосно непознат за нашето општествено опкружување, затоа имаше потреба добрите практики да ги преземеме од другите земји и со посветена работа да ги вметнеме или наметнеме на нашата политичка сцена за да се постигне некаков напредок по ова прашање, истакна министерката Тренчевска.

Таа се задржа и на достигнувањето на државата во однос на прашањето за родово одговорно буџетирање во делот на стратешката и законската рамка.

Тренчевска на состанокот посочи на носењето на првата Стратегија за родово одговорно буџетирање во 2012 година и истакна дека Министерството за финансии за првпат ги измени буџетските инструкции за 2013 и 2014 година со кој се задолжуваат три министерства и Агенцијата за вработување на Република Северна  Македонија, за избор на програма за родова анализа и развивање на релевантни родови индикатори за следење на влијанието на програмите врз жените и мажите.

Воедно, министерката направи споредба на општественото поставување кога е започната нејзината борба за РОБ и моменталната општествена ситуација.

-Општественото окружување кога почнав да работам на оваа тема и денес од перспектива од она што навистина го достигнавме како активисти и функционери е многу поинаква. Горда сум на фактот што го отворивме Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање во март минатата година. Има уште две вакви во светот. Третиот е формиран од нашето министерство и ќе се залагаме во периодот кој што следи да прерасне во регионален центар, рече Тренчевска.

Таа истакна дека целта на отворањето на овој центар е зајакнување на капацитетите на администрацијата во делот на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање.

Министерката Тренчевска на крајот од своето обраќање и посака на работната група плодна дискусија и посочи дека со нетрпение ќе ги очекува заклучоците кои со сигурност ќе придонесат кон унапредување на прашањето за родово одговорно буџетирање. дма/аа/

Фото: МТСП


 

 


 

 

 

 

 

Остани поврзан