• недела, 24 ноември 2024

Тренчевска: Преку креирање социјални политики водиме грижа за креирање повеќе можности за пензионерите

Тренчевска: Преку креирање социјални политики водиме грижа за креирање повеќе можности за пензионерите

Крива Паланка, 28 август 2023 ( МИА) - Грижата за пензионерите и нашите највозрасни граѓани е многу поширока од само еден сегмент. Подигањето на животниот стандард на пензионерите и создавање можност за поквалитетен живот е можно само доколку се создаваат повеќе можности во различни сфери на општественото живеење, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на  официјалното  врачување на дозволата за социјална услуга -  Дневен центар за престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка.

Како Министерство за труд и социјална политика (МТСП), додаде, сме подеднакво посветени на сите сегменти и наша цел е да создадеме рамка за поголема социјализација, активен живот и што поголемо вклучување на оваа категорија граѓани во општеството.

Општина Крива Паланка денеска доби модерен центар што ќе одговори на потребите на граѓаните.

-Од денеска пензионерите од Крива Паланка ќе имаат можност за поголема социјализација и активности во текот на денот преку овој центар, а досегашното искуство покажува дека овие центри се вистински одговор на потребите на граѓаните и дека оваа социјална услуга се користи многу и дава одлични резултати. Преку креирање социјални политики водиме грижа за креирање повеќе можности за пензионерите,  меѓу другото, потврда е и фактот што социјалната реформа покрај дневни центри, тука е и помош и нега во домот, наменета токму за лицата над 65 години. Затоа ги повикувам пензионерите да ја користат оваа услуга, а ние како Влада ќе продолжиме да работиме на создавање нови можности, да ги следиме ефектите и да ги подобриме социјалните услуги, кои се проширени и се имплементираат во 44 општини. Достапни се услугите и во најоддалечни места, а оваа услуга овде се воспоставува благодарение на визијата на општината и Црвениот крст што ја имаат за своите највозрасни сограѓани, рече Тренчевска.

Проектот е вреден 5,7 милиони денари, обезбедени преку проектот за подобрување на социјални услуги на МТСП, дел кофинансира и општината.

Градоначалникот, Сашко Митовски, рече дека Општина Крива Паланка е пример за работењето во областа на социјалата, една е од првите општини со формиран  Локален совет за социјална заштита  и усвоен социјален план за период 2021/2024- кој ги лоцира, мапира и тековно работи на решавање на проблемите од социјалната сфера на сите категории социјално загрозени граѓани.

-Отворањето на дневниот центар  значи  подобри и поквалитетни социјални услуги, збогатен и зголемен видот на услуги за највозрасната категорија граѓани. Црвениот крст како давател на услуги дава исклучителен придонес и е наш партнер во  грижата за возрасните, подеднакво како и за останатите категории лица. Акцентот на грижа за возрасните е нешто по што исто така предничи нашата општината, пример за тоа е што веќе трета година активно работи Нега центар во ОО Црвен крст, отворен во рамки на проектот „Одговорни институции-среќни граѓани“, што Општина Крива Паланка и Црвен крст го реализираа со финансиска поддршка од 11 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика. Нега центарот има 20 лиценцирани негуватели кои пружаат услуги на над 80 корисници од општината, а во фаза на лиценцирање се уште 15 негуватели што веќе ја поминаа обуката и ќе го надополнат кадарот што ќе работи за грижа на возрасните, рече Митовски.

Општина Крива Паланка, додаде, изготви  и проект за изградба на Дом за стари лица,  постојано сме во корелација со плановите на Министерството за труд и социјална политика и истиот  веќе ставен во програмата на Министерството.

Секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка, Дарко Пешовски, од име на органзиацијата-давател на услугите, рече дека стареењето е привилегија што многумина не ја имаат.

-Оваа мисла ја менува перспективата,  а Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење - го менува животот. Во име на сегашните и многу идни генерации кои ќе минуваат пријатни часови овде,  благодариме на сите за  придонесот да ги  разубават  моментите на дружење, заедништво  и спокој на нашите највозрасни жители. Како организација на Црвен крст го подигнавме нивото на одговорност, а  Општина Крива Паланка покажа зрелост и грижа за сите, рече Пешовски.ид/вј/

Фото. МТСП

 

Остани поврзан