• недела, 24 ноември 2024

Тренчевска: Преку веб страната www.zgrizuvanje.gov.mk до корисни информации за постојаните и потенцијалните згрижувачки семејства

Тренчевска: Преку веб страната www.zgrizuvanje.gov.mk до корисни информации за постојаните и потенцијалните згрижувачки семејства

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, го посетија Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при ЈУ Детски дом „11 Октомври“ во Скопје.

Целта на посетата, како што информират од МТСП, беше да се утврдат резултатите од работењето на Центарот, како и промоцијата на новата веб страница www.zgrizuvanje.gov.mk, која ќе понуди многу корисни информации, за постојаните и потенцијални згрижувачки семејства.

Тренчевска истакна дека Министерството за труд и социјална политика, преку законски решенија, стратегии, програми и активности, работи на создавање на услови за секое дете да расте и да се развива во средина блиска на семејната.

- Како Министерство силно го поддржуваме спроведувањето на кампањи за подигање на свеста на граѓаните за потребата да се обезбеди сигурно, квалитетно сместувања за децата каде што тие ќе бидат сакани, почитувани, поддржани и охрабрени да растат и да се развиваат како успешни граѓани на нашето општество. Секое промовирање на згрижувачкото семејство како мошне значајна форма на грижа за децата, е добредојдено, така и новата веб страница www.zgrizuvanje.gov.mk верувам дека ќе донесе позитивни искуства, односно тука граѓаните, постојани или потенцијални згрижувачи, ќе можат да најдат корисни информации за згрижувањето, како да се стане згрижувач, каде да се обратат и се она што ги интересира, посочи Тренчевска.

Бидејќи сместувањето во згрижувачко семејство како форма на заштита е најблиско до живеењето во семејството, Министерството за труд и социјална политика спроведувајќи го процесот на деинституционализација, презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства и програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства.

- Согласно со реформата на системот за социјална заштита  се воведе за првпат роднинското згрижување, а во делот  на поддршка на згрижувачките семејства како нова форма за прв пат е предвиден „центар за поддршка на згрижувачки семејства„ кој врши промоција на услугата згрижување во семејство,подготовка,  проценка  и  обука  на  идни  згрижувачки како и да ги  следи  и  дава  поддршка  на постојните згрижувачки семејства, се наведува во соопштението.

Во таа насока, како што нагласуваат од МТСП, беше и воспоставувањето на трите центри за поддршка на згрижувачки семејства при Детскиот дом „11 Октомври“ - Скопје, Домот за доенчиња и мали деца во Битола и СОС „Детско село“ со цел да ја обезбедуваат поддршката на згрижувачките семејства на цела територија на нашата држава, преку нивна соработка во делот на промоцијата и спроведувањето на кампања за обезбедување на поголем број на згрижувачки семејства.

- Ништо не може да го замени влијанието на семејството врз растот, развојот и целокупната добросостојба на детето, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

Таа додаде дека на секое дете му треба семејство. - Децата без родителска грижа честопати доживуваат трауматски настани рано во животот. Затоа, од пресудно значење е љубовта, грижата и вниманието што им ја пружаат згрижувачките семејства, истакна Ди Џовани.

Од МТСП посочуваат дека радува фактот што бројот на згрижувачки семејства расте. - Па така согласно последните податоци, на ниво на држава има  361 згрижувачко семејство со 596 корисници. Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при „11октомври“, поддржува 174 згрижувачки семејства со 309 корисници, Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при Домот за доенчиња -Битола поддржува 115 семејства со 152 корисника, и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС Детско село, 72 семејства со 135 корисника. Од средината на април се планира започнување на Кампања за згрижувачки семејства  која ќе ja спроведуваат Центрите за поддршка на згрижувачки семејства   со поддршка на УНИЦЕФ, се додава во соопштението. дма/сп/

Фото: МТСП

Остани поврзан