• петок, 20 декември 2024

Тренчевска: Платите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и на функционерите, да бидат по иста методологија

Тренчевска: Платите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и на функционерите, да бидат по иста методологија

Скопје, 19 април 2023 (МИА) - За жал, зголемувањето на платата на функционерите е одлука на Уставен суд. И јас лично не се согласувам. Мојата плата и платите на министрите се уште не е зголемена. Бараме начин како сето тоа да го вратиме во првобитната состојба, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа во гостување на ТВ Телма потсети дека се подготвува новиот општ колективен договор за јавниот сектор и оти синдикатите до вчера требаше да достават нова методологија за пресметка на платите.

-Не знам дали доставиле во текот на вчерашниот ден. На последниот состанок на Економско социјалниот совет зборувавме дека платите во јавниот сектор треба да бидат по една методологија, вклучувајќи ги избраните и именуваните лица, рече Тренчевска, истакнувајќи дека со тоа ќе се решат сите проблеми. 

Прашана дали е прифатливо пресметковната вредност да биде просечната плата исплатена минатата година со коефициент на сложеност, како што се и за избраните и именуваните функционери по ист модел, посочи дека треба да се види и да се разговара за тоа.

-Коефициент на сложеност треба да има, како што ги има и во приватниот сектор. Дали треба да биде просечната плата, дали да биде минималната плата, за тоа треба да се отвори дискусија на Економско социјалниот совет,  но да биде една методологија за сите вработени кои земаат плата во јавниот сектор, вклучително и за избраните и именуваните лица, рече Тренчевска.лв/мд/ 

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан