• среда, 18 декември 2024

Тренчевска: Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина

Тренчевска: Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина, рече вечерва министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Тренчевска во телевизиско гостување зборуваше за растот на пензиите согласно новата методологија. Порача дека пензиите ќе се исплаќаат секој први во месецот, како и дека пензискиот систем е стабилен.

Во однос на исплатата и усогласувањето кое се прави два пати во годината, во март и септември, министерката појасни дека процентот од 5,3 отсто е согласно податоците кои се добиваат од Државниот завод за статистика. Со ова усогласување, подвлече, минималната пензија денес изнесува 13 200 денари, а просечната над 20 000 денари.

-Оваа Влада носи системски решенија. Ако Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ  наместо популистички мерки и стиропор  инвестираше во методологија денес ќе зборевме за минимална пензија од 25.000 денари. Ние градиме систем кој гарантира постојан раст. Денес минималната пензија е 13.200 денари, ако пред година и половина минималната пензија беше 10.480 денари,  денес е 13.200 денари.  Во услови на криза, пандемија, економска криза и војна се грижиме за раст на пензии, плати и за  стандардот на граѓаните. Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто, за околу година и половина, нагласи Тренчевска во емисијата „24 Анализа“.

Министерката посочи дека е многу важно да се одржува пензискиот систем стабилен.

-Во 2022 година и 2023 година, креиравме сет мерки за пензионерите преку нив сите 336.000 пензионери добија 3000 денари , а оние со најниски пензии добија по 6000 и 4000 денари. Затоа велиме да не се оптеретува пензискиот систем и да не дојдеме во ситуација никој да не земе пензија и  за најранливите пензионери ќе направиме пакет мерки за зимскиот период  кога најмногу се потребни средства, а со здравство работиме на што повеќе лекови бидат ставени на позитивната листа на лекови, рече Тренчевска.

Според неа, пензиите се економска категорија и колку се вложува заедно со должината на стажот се дефинира пензијата. Се друго, напомена, е популистичка мерка. Се осврна и на солидарниот систем. Потсети дека на сите што имаат остварено пензии пониски од минималната, државата им го финансира износот до законски утврдена минимална пензија.

-Пензиите секој први во месецот ќе бидат на сметките на пензионерите. Пензионерите да бидат спокојни, пензискиот систем е стабилен, а со соодветни социјални мерки ќе допреме до најранливите пензионери, порача Тренчевска. мч/дма/

фото: МИА

 

Остани поврзан