• сабота, 23 ноември 2024

Тренчевска и Герасимовски посетија корисници на помош од проектот „Нега на стари лица во домашни услови“

Тренчевска и Герасимовски посетија корисници на помош од проектот „Нега на стари лица во домашни услови“
Скопје, 31 мај 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по повод почетокот на реализацијата на проектот „Нега на стари лица во домашни услови“, денеска посетија двајца корисници на помош од проектот. Градоначалникот Герасимовски информира дека проектот опфаќа 90 корисници, а моментно има 67 поднесени барања за користење на услугата. - Морам да признам дека реакциите од корисниците се многу позитивни. На последниот попис увидовме дека во Центар живеат голем број на пензионери, а ние како Општина се грижиме за највозрасните. Проектот оваа година започна од 12 мај од кога и ги примаме барањата за доделувања на субвенцијата, а ќе трае се до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена во Буџетот на Општината, рече градоначалникот. Тој ги повика повозрасните жители на општината да аплицираат на јавниот повик за нега во домашни услови. - Сите детали, како условите, начинот и потребната документација за аплицирање граѓаните може да најдат во јавниот повик објавен на веб страната на Општина Центар. Доколку жителите не можат сами да дојдат, во тој случај имаме организирано и мобилни екипи кои ќе ги посетат во нивните домови, појасни Герасимовски. Министерката за труд и социјална политика ја поздрави иницијативата и ја истакна важноста на проектот за највозрасните сограѓани кои, како што рече, се едни од најранливите во општеството. - Секој граѓанин има право на достоинствен живот. Ја поздравуваме иницијативата која има за цел да пружи поддршка и токму затоа сме денеска со градоначалникот за да дадам поддршка за оваа хуманитарна иницијатива, која што неколку години наназад ја спроведува општина Центар и им помага на највозрасните кои имаат потреба од негувателки, поради болест старост или па во краен случај потреба од друштво два часа во денот. Затоа ваквите иницијативи се за поздравување, всушност на тој начин ги решаваме главните предизвици со кои се соочуваат старите лица во општините, изјави Тренчевска. Право на апликација имаат сите лица кои се над 60 години и се жители на Општина Центар, со поднесување на фотокопија од лична карта, фотокопија од потврда за примена пензија и фотокопија од медицински документ за здравствената состојба. Преку проектот „Нега на стари лица во домашни услови“, Општина Центар обезбедува медицинска нега, вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, психолози, негуватели и социјални работници три пати по два часа во неделата во домовите на корисниците. свс/сп/

Остани поврзан