• сабота, 23 ноември 2024

Тренчевска: Договорите на определено ќе траат најмногу две години, нема горна граница за годишниот одмор

Тренчевска: Договорите на определено ќе траат најмногу две години, нема горна граница за годишниот одмор

Скопје, 16 јануари 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вечерва изјави дека со нацрт-законите за работни односи и за системот на плати не се кратат работничките права.

Тренчевска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма ги оцени како спинови и невистини реакциите за овие два нацрт-закона и рече дека не знае од каде стравот кај синдикатите за двата закона особено за законот за работни односи кој, како што рече, е работен во консултација со синдикатите.

Според Тренчевска, двата закона ги унапредуваат работничките права. Како позитивни ги оцени одредбите во законот за работни односи со кои се намалува времетраењето на договорите на определено време од сегашните пет на две години.

- Работник кај ист работодавач не ќе може повеќе од три пати да склучува анекс на договорот во период од две години што значи дека нема да потпишува секој месец, појасни Тренчевска.

Се воведува работа од дома и работа од далечина, а новина е и тоа што е тргната горната граница во времетраењето на годишниот одмор што ќе ја утврдуваат заедно синдикатот и работодавачот преку колективно преговарање. Придобивка, според Тренчевска, е и тоа што се воведува обврска на работодавачот доколку му е прекинат договорот за работа на работникот, да му биде исплатен годишниот одмор.

Тренчевска ги отфрли и тврдењата дека со нацрт-законот за систем на плати за време на годишниот одмор на работникот ќе му биде исплатена само основната плата. Како што посочи, во основната плата ќе влегува и минатиот труд.

- Ова е нацрт-текст на закон, ќе се организираат јавни дебати и секое оставање на можност за различна интерпретација ќе биде дел од јавни дебати, рече Тренчевска, додавајќи дека очекува до средината на февруари да се соберат сите забелешки по овие закони.

Тренчевска не се согласува со оценките на синдикатите дека се суспендира колективното договарање. Ингеренциите што му се даваат на министерот за финансии од кој треба да се добие позитивно мислење во однос на фискалните импликации од колективниот договор врз буџетот, според Тренчевска, се оправдани. Доколку не се добие позитивно мислење од министерот за финансии за склучен колективен договор, како што појасни Тренчевска, повторно синдикатот и работодавачот ќе седнат на преговарачка маса.

- Ако министерот не даде позитивно мислење, ќе се седне повторно на преговори се додека не се добие позитивно мислење. Министерот дава мислење само за фискаланиот ефект врз буџетот и тоа е нормално, рече Тренчевска.

Во однос на новините во породилното отсуство, Тренчевска повтори дека не се крати ништо од сегашните права. Не се крати сегашното породилно отсуство од девет месеци, туку му се дава можност и на таткото да се вклучи во грижата на своето дете. Се предвидува мајчинско отсуство од пет месеци во првите месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото кои можат да ги користат наизменично или заедно. Предвидени се и 15 дена татковство, односно од првиот ден на раѓање 15 дена доколку се роди едно дете, а за близнаци или повеќе деца татковство од 20 дена. Дополнително, имаат право и на неплатено отсуство за двајцата родители во траење од два месеци кои можат да го користат до осумгодишна возраст на детето.

Отсуството на мајката, како што појасни министерката, ќе биде платено 100 проценти како и досега, а платено ќе биде и татковското отсуство од 15 дена, но се уште не е утврдено колкава сума ќе се плаќа за родителското отсуство на таткото ако реши да го користи. Во тек се разговори со Фондот за здравствено осигурување и со Министерството за здравство за да се утврди висината на насоместокот за овие четири месеци.

На прашање за истополови бракови, министерката Тренчевска кажа дека кај нас „истополовата заедница не е дефинирана и оти се што е во ЗРО се однесува на мајката и на таткото. бак/ев/

 

 

 

Остани поврзан