• среда, 27 ноември 2024

Тренчевска во посета на Центарот за дневен претстој  за стари лица во Чаир во рамки на кампањата „Гласна и храбра“

Тренчевска во посета на Центарот за дневен претстој  за стари лица во Чаир во рамки на кампањата „Гласна и храбра“

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со секретарката на  Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска го посетија Центарот за дневен престој за стари лица во Чаир.

Како што информираат од МТСП, посетата беше направена во рамки на кампањата „Гласна и храбра“ со цел промоција на економско зајакнување и ментално здравје на различни целни групи

-Поголема социјализација, поврзување и подобрување на физичкото и менталното здравје е главна цел на социјалната услуга која се спроведува преку Центарот за дневен претстој за стари лица во општината Чаир во Скопје. Во моментов околу 30 лица од општината го посетуваат Центарот за дневен престој за стари лица во Чаир. Оваа социјална услуга е дел од социјалната реформа чија цел е креирање на услуги во локалните средини кои ќе одговорат на потребите на корисниците, се наведува во соопштението од МТСП.

Тренчевска при посетата посочи дека активниот начин на живот исполнет со зајакната социјализација позитивно влијае на физичкото и менталното здравје на лицата во третата доба. Таа истакна дека оваа социјална услуга е наменета токму за создавање можности за активно стареење, со што лицата во третата доба ќе добијат конкретни активности за подобрување на квалитетот на животот.  

Социјалната услуга која е наменета за лицата од третата доба, а е достапна преку овој Дневен центар, е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка, а е дел од сеопфатната социјална реформа во земјава. Освен за корисниците од ранливите категории, социјалната реформа нуди можност и за вработување кај давателите на услугите, а предност имаат баратели на работа од ранливите категории.

Преку оваа услуга, како што истакнуваат од МТСП, лицата на возраст од над 65 години можат секојдневно да го посетуваат Центарот, да се дружат со своите врсници, да организираат одредени социјални активности, а во текот на посетата добиваат асистенција од стручните лица кои ги спроведуваат активностите. дма/са/

 

Остани поврзан