• среда, 18 декември 2024

Треновски: Да се создаде силна рамка за контрола, отчетност и мониторинг на работата на сите јавни претпријатија

Треновски: Да се создаде силна рамка за контрола, отчетност и мониторинг на работата на сите јавни претпријатија

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Потребно е системско решение за проблемот со град Скопје. Треба да се создаде и силна рамка на конрола, отчетност и мониторинг на работата на јавните претпријатија, смета професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ. Законот, вели Треновски, е зрел за промени не само во делот на услугите, туку и во делот на распределбата на средствата.

- Дали треба да се одземат надлежностите или не, јас би рекол дека прво она што треба да се направи е да се создаде силна рамка за контрола, отчетност и мониторинг на работата на сите јавни претпријатија во државата. Значи, да се создаде рамка за контрола, мониторинг на јавните претпријатија, нивото на нивната вработеност, кај над 90 проценти на веб страните на јавните претпријатија не може да се нхајдат финансиските извештаи, изјави денеска Треновски во врска со најавите за одземање на ингеренциите на градоначалничката на Скопје.

Во Град Скопје, вели Треновски, сериозно треба да се размисли и да се види кои општини имаат капацитет сами да обезбедуваат дел од услугите.

- Има општини кои имаат поголеми капацитети, тие треба да ги обезбедат сите услуги за граѓаните, има општини кои немаат и можеби некоја соседна општина или во случајот Град Скопје ја обезбедува за нив. Овој случај можеби треба да се отвори и да се поразговара со сите општини во град Скопје и да направат отворена дискусија кои од општините би можеле сами да си ја обавуваат оваа обврска, кои од општините можеби би требало да склучат договор на отчетна и паритетна основа, односно се нуди услугата, се плаќа за услугата од општината кон Град Скопје и тоа да се одвива ефикасно. Вака сега, имате една хаотична состојба во која не знаете кој е виновен, подвлече Треновски.

Посочува дека според одредени податоци, половина од јавните претпријатија немаат веб-страница и скоро 60 проценти не ги објавуваат цените на своите услуги

- Не можете да најдете податоци за начинот на кој функционираат нивните надзорни тела итн. Значи, неефикасноста и неконтролата во менаџирањето на јавните претпријатија е особено евидентно. Тука е и превработеноста и податокот дека над 50 проценти се со негативен финансиски резултат. Ова го зборуваме за ниво на државата како функционираат овие локални јавни претпријатија и тоа не смееме да го заборавиме и треба во иднина многу повеќе да се занимаваме со нив, вели Треновски, додавајќи дека дел од нив не поднесуваат извештаи до советите.

Според Треновски, ситуацијата е зрела за да се седне и да се изнајде нов начин на функционирање.

- Ние имаме една ситуација која се нарекува делегирана надлежност. Никогаш не сме ја користеле. Делегирана надлежност значи централната власт во овој случај може да е градот Скопје, нуди услуга со определен договор за која општината плаќа и вие го исполнувате. Тоа е најчиста работа. Се знае колкав е трошокот за услугата, ако ја користите од градот Скопје, ја плаќа, ако не ја користите од градот Скопје, не ја плаќате. Нема да има судири, нема да има политички препукувања и така натаму. Затоа велам - не одземање, може да се размисли за конечно оваа ситуација да доведе до начин зошто е потребно да се промени и редефинира оти ова ескалира од време на време, не е ова отсега, рече Треновски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски не верува дека градоначалничката на Град Скопје ќе излезе со комплетен план до четврток бидејќи имало доволно време од три години досега да се надминат проблемите во градот.

- Мојот став не е променет. Разговаравме во делот на „Комунална хигиена“ и на „Паркови и зеленило“. Тоа е она што најмногу ги допира граѓаните на дневна основа, одговори тој на прашање дали ингеренциите на скопската градоначалничка треба да бидат одземени, изјави Стојкоски.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека проблемот не е само во делот на комуналната хигиена и паркови и зеленило, туку има и други проблеми каде се измешани ингеренциите. 

Градоначалничката Данела Арсовска денеска на прес-конференција истакна дека на вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, предложила решенија за проблемите со што се соочува Град Скопје. Но, како што рече, средбата наликувала на „политички циркуз за добивање политички поени”.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, пак вчера по средбата со градоначалничката Арсовска, рече дека на вчерашниот состанок не слушнале ништо конструктивно од градоначалничката во однос на решавањето на проблемите со Јавното комунално претпријатие и Јавно сообраќајно претпријатие. Арсовска до четврток треба да достави план за решавање на проблемите во градот. бд/бак/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан