• среда, 18 декември 2024

Тренинг центар за инсталација на фотоволтаични системи добија учениците во СОУ „Гошо Викентиев“ - Кочани

Тренинг центар за инсталација на фотоволтаични системи добија учениците во СОУ „Гошо Викентиев“ - Кочани

Кочани, 11 декември 2024 (МИА) – Средното електромашинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани отвори нов тренинг центар во кој учениците ќе се обучуваат за инсталирање фотоволтаични системи за производство на струја од сончева енергија, што е единствен во регионот од ваков тип.

Опремата за тренинг центарот е набавена од компанијата Интебако ДОО од Скопје, која обезбеди 18 фотонапонски централи од моделот Canadian Solar, инвертор Huawei и придружна опрема за нејзино поврзување и функционирање. Компанијата TAB MAK – TAB Batteries од Пробиштип обезбеди литиумска батерија со капацитет од 5000Wh и e-storage CLEVER, односно кутија за складирање батерии.

- Брзиот развој на технологијата отвора многу можности, но и бара нови компетенции и вештини. Ние, како стручно училиште, сме секогаш подготвени за иновации и се трудиме да бидеме во чекор со новите трендови во однос на обновливите извори на енергија. Истовремено, се стремиме на учениците да им овозможиме квалитетно образование, усовршување и напредување . За таа цел е формиран новиот Тренинг центар каде учениците ќе имаат можност да се обучат за инсталација на соларни панели, испитување и снимање на разни електрични карактеристики, истакнаа од СОУ „Гошо Викентиев“.

Дополнителна корист од целиот систем е што енергијата произведена од соларните панели ќе се користи за SMART осветлување на училишниот двор. Со проширување на целиот систем во иднина се планира да се постигне поголемо искористување на соларната енергија за потребите на училиштето, со што ќе се овозможи создавање и одржување на енергетска независност. та/цр

Фото: СОУ „Гошо Викентиев“

Остани поврзан