• петок, 27 декември 2024

Трендафилов: Работничкиот дом останува на работниците

Трендафилов: Работничкиот дом останува на работниците

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) – Работничкиот дом останува на работниците, а битката за тоа ќе ја водиме како пред домашните, така и пред меѓународните судови, но ќе бараме и одговорност од сите инволвирани во овој процес. Токму тоа и му го пренесовме на министерот, посочи претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов по средбата со министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски во просториите на ССМ.

-Не би сакал да ги коментирам одлуките што ги носат судовите иако знаеме како функционираат, но како човек и како Министерство ќе имаат поддршка од мене. Ќе направиме се што е во наша надлежност за да им бидеме од помош и им стоиме на располагање за сите консултации и правни елементи за кои сметаат дека треба да ни се обратат и да учествуваме ние како Министерство, рече Велковски.

Трендафилов во одговор на новинарско прашање како срамна ја оцени пресудата што ја донесоа тројцата судии во Врховниот суд со кои им е одземена сопственоста на зградата на ССМ во центарот на Скопје.

-Овие тројца судии не заслужуваат да се нарекуваат судии. Очекувавме нивна оставка која не ја поднесоа и затоа поднесовме барање за утврдување на одговорност на овие тројца судии до Републичкиот судски совет кој е единствено надлежен за тоа. Очекуваме нивно разрешување затоа што нивната одлука не се поткрепува ниту на еден закон, ниту, пак, на Уставот, туку само на слободно судско убедување, рече Трендафилов.

Нагласи дека ССМ уште во 90-десеттите години од минатиот век,а и пред тоа е регистриран во Министерството за труд и социјална политика со решение врз основа на Законот за работни односи. Токму затоа, како што кажа, судиите при носењето на пресудата не смееле да применуваат закон од 1998 година кој се однесува за здруженија и фондации.

-Ако сме биле здружение или фондација немало да го склучиме Општиот колективен договор или договор за унапредување на работничките права лани во јули како партнери на Владата, ниту, пак, доколку сме биле владина институција, рече Трендафилов.

Очекува во текот на наредната недела да следи повторување на постапката и Врховниот суд веднаш без одлагање да постапи заради изборите кои се ближат. Не ја исклучува и можноста да достават претставка и до Меѓународниот суд во Стразбур за што имаат рок од четири месеци и каде како што вели со сигурност ќе го добијат процесот. Тоа го заклучиле во консултација со нивните братски синдикати од Европската и Светската конфедерација на синдикати и со претставниците на Меѓународната организација на трудот кои посочиле дека не постои ниту еден ваков случај во некоја социјалистичка или посткомунистичка земја да се одзема сопственост на дом граден од синдикална членарина од работниците за синдикатите.

-Ова е прв случај во светот и веројатно Македонија како и по многу други работи ќе биде позната по нешто за првпат, а тоа е да се разграба работничкиот имот веројатно за бизнис или се сомневаме и за други интереси.  Како Синдикат не сакаме да се мешаме во политичките процеси, но со прст ќе покажеме кон виновниците покрај овие тројца судии за кои со сигурност знаеме дека се виновници, без разлика дали се политичари, политички партии или други чинители во општеството, кои сакаат да го обезглават синдикалното движење во Македонија и да го уништат ССМ. Некој смета дека на ваков начин ќе не дисциплинира, но само ќе не направи погласни, потенцира Трендафилов.вј/са/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан