• среда, 25 декември 2024

Трендафилов: Ние не знаеме како да преживееме со 4.600 денари зголемени трошоци за живот на едно четиричлено домаќинство, платите мора да се зголемат

Трендафилов: Ние не знаеме како да преживееме со 4.600 денари зголемени трошоци за живот на едно четиричлено домаќинство, платите мора да се зголемат

Скопје, 21 август 2024 (МИА) – Минималната плата во земјава е најниска во регионот и затоа итно и неопходно е зголемување на минималецот во износ од најмалку 450 евра, посочи претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на 78 години постоење на Сојузот и додаде дека синдикалната минимална кошничка од декември е зголемена за 4.600 денари, додека пак, инфлацијата во првите шест месеци од годинава е 3,65 отсто.

Четиристотини и педесет евра минимална плата не само што е реалност, туку е и неопходно, нагласи Трендафилов, бидејќи, како што рече, не смееме да дозволиме македонските работници да бидат најниско платени во регионот и земјава повторно да биде „елдорадо како во 2008 година за странски компании кои сакаат да го експлоатираат македонскиот работник“.

– Додека ние разговараме дали треба да се зголеми минималецот во Македонија, државите од регионот го зголемуваат со забрзано темпо, па така, реперот Црна Гора, каде што имаше 450 евра минимална плата, во наредниот период ќе има 600 евра плата за вработените со основно и средно образование, додека  за вработените со високо образование до 800 евра минимална плата. Во Бугарија минималната плата изнесува 500 евра, нашите колешки и колеги од Србија преговараат за 500 евра минимална плата и сметаме дека не смееме да си дозволиме како општество, како држава, како работници, како синдикати, да дозволиме нашите работници да бидат најниско платени и повторно Македонија да биде елдорадо како 2008 година за странски компании кои сакаат да го експлоатираат македонскиот работник, посочи Трендафилов.

Вели синдикалната кошничка која што ја покажува ССМ треба да ги разбие дилемите на експертите, претставниците на Владата и работодавачите во приватниот сектор, бидејќи синдикалната минимална кошничка од декември е зголемена за 4.600 денари, додека пак, инфлацијата во првите шест месеци е 3,65 отсто.

– Или не се пресметува инфлацијата како што треба или пазаруваат на погрешни места во погрешни маркети каде што цените се навистина ниски или пазаруваат во странство. Ние не знаеме како да преживееме со 4.600 денари зголемени трошоци за живот на едно четиричлено семејно домаќинство и зборуваме за зголемување на платите, кое е итно и неопходно, а од другата страна слушаме изговори дека цените ги подгреваат зголемувањата на платите и дека заради тоа се зголемувале цените. Прашувам јавно, зошто цените се зголемуваат и покрај тоа што платите на вработените во државата не се зголемуваат оваа година поради изборите. Прашувам експертите да ни одговорат и нас, и на работниците, и на граѓаните, и на пензионерите кои пазарат во маркетите, зошто цените растат и никој не води грижа и контрола да го заузда ваквиот неоправдан раст, зошто дозволуваме газдите во Македонија да се богатат на грбот на граѓаните и на работниците и не преземаме ништо во таа насока, истакна Трендафилов.

Прес-конференција на ССМ по повод одбележувањето на 78 години постоење

Во последните две години, додаде, ССМ успеал да ги зголеми платите на вработени помеѓу 28 и 56 проценти, но вели тоа не е доволно и работниците не се задоволни кога гледаат дека функционерите уживаат зголемување на платите од 78 проценти.

– ССМ е единствениот синдикат препознаен од сите работници во Македонија, синдикат кој е главен заштитник на работничките права, синдикат кој се бори за потпишување на колективните договори и кој успеа само во последните две години да ги зголеми платите на вработените помеѓу 28 и 56 проценти. Тоа не е доволно, работниците нема да бидат задоволни, кога гледаат дека работодавачите, односно функционерите, уживаат со 78 проценти зголемени плати и не гледаат причина да ги намалат, поради тоа што, ако им се намалеле, ќе си дале оставка од функциите кои ги извршувале, вели Трендафилов.

Побара укинување на пресудата на Врховниот суд за конфискација на зградата на ССМ, а како причина ја наведе пресудата три години затвор за судијата од Врховен, Наќе Георгиев, за кој рече дека е еден од најголемите виновници за одлуката на Врховен за одземање на Работничкиот дом.

– Бараме враќање на Работничкиот дом на работниците, укинување на пресудата на Врховниот суд со која се конфискуваше Работничкиот дом од неколку причини. Првата причина е што еден од најголемите виновници денеска е во затвор за примање на мито и корупција за влијание, за носење на пресуди во интерес на некоја од страните. Наќе Георгиев, судијата кој ќе лежи три години во затвор, беше еден од тројцата судии од Судечкиот совет од пет, кој досуди на штета на работниците, за првпат во историјата на синдикалното движење, не само во Македонија, туку и пошироко. Останатите двајца судии кои му беа партнери во оваа пресуда, денеска не знаеме каде се наоѓаат, меѓутоа, според информациите кои ги имаме едниот од нив се спасува во Судскиот совет, односно е избран за вршење на функција во Судскиот совет. Истиот тој денеска се оградува од Наќе за носење на пресуди со примање на мито и поткуп, а ние како ССМ прашуваме колку кеш е земен од некој за земање на Работничкиот дом од работниците, за газење на работничкото достоинство и за уништување на Сојузот на синдикатите на Македонија, подвлече Трендафилов. ра/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан