• недела, 22 декември 2024

Трговскиот дефицит во Албанија достигна историски рекорд

Трговскиот дефицит во Албанија достигна историски рекорд

Тирана, 21 декември 2024 (МИА) – Оваа календарска година сè уште не е завршена, но статистиката за периодот јануари-ноември покажува дека ова ќе биде година со најголем трговски дефицит во поновата историја на Албанија, со значителна разлика во однос на минатата година. И покрај ова, националната валута има тенденција на зајакнување и ја принуди Централна банката на Албанија масовно да интервенира на пазарот, објавија албанските медиуми, пренесувајќи информација на БИРН.

Дефицитот во стоковната размена достигна 469 милијарди лека или 4,7 милијарди евра за единаесетмесечниот период што е зголемување од 72 милијарди лека во однос на истиот период од 2023 година, што подразбира дека  оваа ќе биде година со апсолутен рекорд во трговскиот дефицит, надминувајќи го, со значителна разлика, дефицитот од 464 милијарди лека забележан во 2022 година, кога започна војната во Украина и последиците од пандемијата со Ковид-19.

Податоците објавени од Институтот за статистика покажуваат дека извозот на стоки годинава е намален за 14 проценти, додека увозот е зголемен за два отсто. Пад на извозот главно предизвикаа групите „Градежни материјали и метали“ и „Текстил и обувки“. Зголемен е извозот на групата „Храна, пијалаци и тутун“.

Севкупно, Албанија извезла стоки во вредност од 347 милијарди лека додека увезла стоки во вредност од 816 милијарди лека. Споредувањето на бројките во лек го носи и ефектот на девизниот курс. Еврото во текот на 2023 година чинеше во просек 110 леки, додека годинава со тренд на зајакнување 98 лека.

-Тоа не го негира фактот дека, иако теоретски, силниот лек би довел до зголемен увоз и намален извоз и следствено на тоа слабеење на девизниот пазар, се случува спротивното. Лекот од 2017 година доживеа континуирано јакнење, додека во јуни годинава Централна банката на Албанија јавно призна дека интервенирала за да избегне натамошно зајакнување на домашната валута. Статистиката за големината на интервенцијата сè уште не е објавена од страна на Банката на Албанија, наведуваат медиумите.

Од власта велат дека јакнењето на домашната валута дошло благодарение на економскиот успех, додека сомнежите од опозицијата и експертите се дека „земјава во последните години де факто стана рај за паркирање пари од организираниот криминал од каде се слеваат огромни суми на пари, надвор од каналите на надворешна трговија, размена на услуги или заеми“. вт

 

Остани поврзан