Трајчевски: Потребни законски измени за обезбедување еднакви и недискриминаторски услови за платеното политичко рекламирање
- Предизвиците со кои се соочуваат државните институции кои имаат директна надлежност во организирањето, спроведувањето и контролата на изборите, како и факторите кои, најчесто негативно, влијаат врз транспарентноста на политичкото рекламирање беа во фокусот на панел дискусијата во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) што се одржа денеска во Скопје посветена на политичкото рекламирање и интегритетот на изборите.
Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Предизвиците со кои се соочуваат државните институции кои имаат директна надлежност во организирањето, спроведувањето и контролата на изборите, како и факторите кои, најчесто негативно, влијаат врз транспарентноста на политичкото рекламирање беа во фокусот на панел дискусијата во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) што се одржа денеска во Скопје посветена на политичкото рекламирање и интегритетот на изборите.
Зоран Трајчевски директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во воедното излегање на панелот што се одржува непосредно пред изборите, изрази надеж дека искуствата и сознанијата на Агенцијата ќе бидат преточени во Изборниот законик, а со цел да се обезбедат еднакви и недискриминаторски услови за купување рекламен простор за сите политички кандидати и партии, како и за да се отстрани опасноста од развивање нов или оживување на стариот клиентелистички однос на релација партии – медиуми.
Сумирајќи ги клучните правила за платеното политичко рекламирање, тој посочи на европските искуства дека не постои заеднички или усогласен пристап кон регулирањето на политичкото рекламирање. Во некои европски земји тоа е, вели, релативно неограничена форма на политичка комуникација, додека во многу други земји платеното политичко рекламирање е дозволено само во изборниот период или е целосно забрането. Кај нас, платеното политичко рекламирање е регулирано во Изборниот законик и распределбата на дозволените средства и време за него е врзана за резултатите што политичките партии ги оствариле на претходните парламентарни избори, при што има битни аспекта – средства, време и партии.
Во поглед на средствата, од 2019 година платеното политичко рекламирање објавено од радиодифузерите, печатените медиуми и онлајн медиумите се финансира од Буџетот на државата, а оваа година за таа намена за Претседателските и за Парламентарните избори, се предвидува дека државата ќе потроши повеќе од 10 милиони евра, од кои 90 проценти ќе им припаднат на четири партии и тоа на двете најголеми политички партии од позицијата и од опозицијата, кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови.
Во поглед на времето – ТВ-те и радијата кои ги покриваат изборите, за време на кампањата добиваат право во секој реален час да емитуваат дополнително рекламно време од вкупно 9 минути и 30 секунди наменето исклучиво за платено политичко рекламирање, од кое по четири минути се предвидени за двете најголеми политички партии од позицијата и од опозицијата, вкупно една минута за парламентарните партии кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратенички места за да формираат сопствена пратеничка група и вкупно триесет секунди за сите политички партии кои не се застапени во Собранието и за сите независни кандидати.
Вкупната сума потрошена за ППР на онлајн и на печатени медиуми заедно, пак, не смее да опфаќа повеќе од 25 отсто од вкупните финансиски средства за платено политичко рекламирање. За објавување платено политичко рекламирање за овие парламентарни и претседателски избори во регистрите на ДИК се пријавени 39 телевизии, 38 радија, 11 печатени медиуми и 251 интернет портали.
Тој укажа и на текстот со амандмани којшто произлезе од работата лани на работна група за измени на Изборниот законик формирана од Министерството за правда, каде АВМУ ја предводеше подгрупата за медиуми, а кој што Министерството за правда го испрати до Собранието, но кои не беа усвоени.
-Тој текст предвидуваше низа предлози за измени со кои, меѓу другото, ќе се обезбедат и еднакви и недискриминаторски услови за ППР и транспарентност за трошоците. Неодамна Собранието усвои одредени измени во Изборниот законик, ама тоа не се предлозите кои се однесуваа на напуштање на моделот на финансирање на платеното политичко рекламирање со средства од Буџетот на државата и предлогот за измена на член 75-ѓ од ИЗ со кој на сите учесници во изборната кампања им се дава еднаква шанса да закупат рекламен простор во еден реален час, рече Трајчевски.
Последната иницијатива на Агенцијата посочи тој, беше донесувањето на Упатството за радиодифузерите за двојните избори 2024, со кое се појаснува начинот на примена на правилата од Изборниот законик за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), за означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбата на времето во вести кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, за новите правила за обезбедување пристапност на програмите, како и за правилата за известување во деновите на изборниот молк.
-Овој документ беше изработен во консултација со ДИК, ДЗР и ДКСК, а неговото усвојување, се надевам, дека ќе придонесе за поголема правна сигурност на радиодифузерите, рече Трајчевски.
Воведно излагање имаше и Јоана Косма, Директорка на ИФЕС во земјата која се осврна на потребата од подобрување на изборната рамка за обезбедување еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници во изборниот процес. вг/ац/
Фото: МИА