• среда, 18 декември 2024

Трајчевски: Граѓаните ќе треба да се навикнат да не подлегнуваат на дезинформации и црна кампања на порталите

Трајчевски: Граѓаните ќе треба да се навикнат да не подлегнуваат на дезинформации и црна кампања на порталите

Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) – И овој изборен процес активностите кои што ги преземаат интернет порталите ќе бидат наша реалност и граѓаните ќе треба да се навикнат да не подлегнуваат на дезинформации и црна кампања ако овие портали продолжат да ги шират, како што го правеа тоа изминатите изборни процеси, изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

Во вечерашното гостување на телевизија Телма, Трајчевски посочи дека едно од решенијата било да се укине платеното политичко рекламирање и политичките партии сами да ги финансираат кампањите, со што би се избегнало, како што рече „фингираното“ рекламирање, но, до тоа, како што рече, најверојатно нема да дојде.

Директорот на ААВМУ информираше дека веќе започнале со мониторинг на телевизиите што имаат над еден процент гледаност, односно петте најголеми терестеријални телевизии и неколку кабелски и сателитски телевизии.

- Во овој период правилата се многу либерални, така што, не очекуваме дека ќе има какви било проблеми, ниту во минатото немало од ден на распишување до почеток на кампања. Чекаме да видиме дали парламентот ќе ги усвои измените на Изборниот законик во насока на усогласување со забелешките на ОБСЕ  за да почнеме со изработка на насоки кои што медиумите ќе треба да ги следат, рече тој.

Тој нагласи дека целта на ААВМУ, како што рече, не е да ги казнува медиумите, туку да се изработат заеднички правила кои што ќе бидат јасни и медиумите ќе можат да ги следат.

Потсети дека кога постои молк, медиумите не смеат да известуваат не само за кандидатите за претседател, туку за било кој друг носител на функција политичка или од органите на власта.

- Кога има молк за претседателските избори, медиумите не смеат воопшто да известуваат за активности во кои се вклучени носители на функции во политичките партии и во органите на власта. Се договоривме во текот на наредната недела да имаме состанок во претставници на Државната Изборна комисија (ДИК) и со Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за расчистување на овие дилеми, со цел медиумите јасно да ги знаат правилата за да можат да ја извршат функцијата што ја имаат, која е многу значајна за време на изборите, рече Трајчевски.

Агенцијата пред официјалниот почеток на изборната кампања, како што најави, ќе изработи акт со кој ќе ги објасни правилата на медиумите за време на изборниот процес, како во делот на платено политичко рекламирање, така и во дневно известување. ар/аа/
Фото: МИА архива 

Остани поврзан