• среда, 25 декември 2024

Трајков во посета на фондацијата на Фидес: Важна е улогата на граѓанското општество во европските интеграции

Трајков во посета на фондацијата на Фидес: Важна е улогата на граѓанското општество во европските интеграции

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Зголемување на соработката, размена на искуства за европската интеграција, поддршка на граѓанското општество, прашања поврзани со јакнењето на демократијата и владеењето на правото. Овие теми беа во фокусот на разговорите меѓу заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков со претставници на Фондацијата за граѓанска Унгарија, која е партиска фондација на унгарската владејачка партија Фидес.

На состанокот, како што соопшти Министерството за европски прашања, Трајков истакнала дека нашата земја е целосно посветена на реформските процеси неопходни за напредокот кон Европската Унија, нагласувајќи дека партнерствата со организации како Фондацијата за граѓанска Унгарија можат да дадат значителен придонес во споделувањето добри практики и поддршка на граѓанските иницијативи кои го поттикнуваат демократскиот развој на земјата. 

Таа ја подвлекла важноста на зајакнување на улогата на граѓанското општество во европските интеграции, вклучително и зголемување на капацитетите на организациите кои работат на овие прашања.

Претставниците на Фондацијата за граѓанска Унгарија ја истакнале својата подготвеност да ги споделат своите искуства од соработката со други земји во регионот, како и во поддршката на програми за градење капацитети во јавните институции и граѓанскиот сектор.

Тие ја изразиле поддршката на Унгарија за европските аспирации на Северна Македонија, потенцирајќи дека интеграцијата на Западен Балкан е клучна за стабилноста и просперитетот на Европа.

Двете страни се согласиле дека континуираната поддршка за граѓанскиот сектор е основа за успешно приближување кон Европската Унија и изразија подготвеност за идни иницијативи и програми насочени кон промовирање на европските вредности во нашата држава. сст/са/ 

фото Министерство за европски прашања

 

 

Остани поврзан