• сабота, 23 ноември 2024

Трајковски: Паричните средства што му се ставаат на товар на Зеќири се далеку помали

Трајковски: Паричните средства што му се ставаат на товар на Зеќири се далеку помали

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Паричните средства кои се ставаа на товар на обвинетиот Мухамед Зеќири не се во таа вредност што првично беа изнесени, изјави адвокатот Александар Трајковски.

Според Трајковски, со денешното изведување на докази од страна на обвинителство, а во врска со процесот против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој се товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“, и од едниот и од другиот сведок, посебно, како што посочи, вештото лице, денеска се утврдило дека паричните средства кои се ставаа на товар на обвинетиот Мухамед Зеќири не се во таа вредност што првично биле изнесени.

- Паричните средства се далеку помалку од причини што во првичните изјави беше изјавувано дека е целата сум таа, меѓутоа, денеска се утврди дека дел во од сумата е пресметан персонален данок и данок на додадена вредност. Исто така, се утврди дека вредноста што е исплатена и трудот што е вложен од страна на ревизорските куќи кои ги работеле двата предмети соодветствува со реалната цена и вредноста за што е исплатена сумата, рече тој.

Во однос на прашањето поврзано со сведочењето на Сведокот Петко Димитров, управител на компанијата „Прајс Вотерхаус Куперс“ кој сведочеше за начинот на склучување трипартитниот договор со Владата и компаниите „Интерфајнанс“ од Хрватска и „Интерхолдинг“ ДОО Скопје, за тоа дали договорите биле склучени надвор од постапката за јавни набавки, адвокатот одговори дека тоа е правно прашање кое, како што рече „ќе го образложуваме во текот на постапката, тоа не се однесува на економскиот дел“.

Според одбраната на Зеќири, разликата меѓу првата сума и сега е околу 13 милиони денари.

На денешното рочиште, покрај Димитров, сведочеше и вештото лице од економија, Киро Костов, кој зборуваше за начинот, намената и износите на плаќањата опфатени во договорот.

Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.

Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.

Судењето продолжува на 27 април со изведување на докази од страна на одбраната. ар/ац/

Остани поврзан