• недела, 24 ноември 2024

Трајковски за МИА: Ќе има и одземање роба од нерегистрирани трговци на мало, никој не е над законот

Трајковски за МИА: Ќе има и одземање роба од нерегистрирани трговци на мало, никој не е над законот

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Ќе има и одземање роба од нерегистрирани трговци на мало, изјави за МИА, директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски, истакнувајќи дека никој не е над законот.

Од утрово екипи на Државен пазарен инспекторат (ДПИ) вршат инспекциски надзори на увозници на овошје и зеленчук, како и на сите трговци на лице место. На терен се над 30 инспектори на ДПИ во координација со тимови на Управата за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за одземен имот. 

- Секој што ќе ги прекршува законите, ќе одговара без селекција. Сите акции ќе продолжат интензивно и нема да застанат на цела територија. Утврдено е дека на кванташкиот пазар, а и низ цело Скопје и на цела територија, се лоцирани нерегистрирани трговци на мало. Сите што вршат нерегистрирана дејност, ќе одговараат по законите за кои е надлежен ДПИ. Постапуваме по законот за трговија. Денеска одиме по друг принцип, ќе има и одземање на роба, по законите за кои сме надлежни, нагласи тој за МИА.

Тој нагласи дека системот мора да профункционира, во интерес на сите.

- Никој не може да манипулира со населението. Системот ќе функционира по сите закони. Она што е увидено при деновите на контрола, дека се појавуваат покрај увозниците и нерегистрирани трговци кои вршат дејност, по законот за трговија, ќе им биде одземена робата, додаде Трајковски.

Тој изјави дека има трговци кои се обидуваат да ги манипулираат законите и граѓаните. бд/нд/

Фото: Аслан Вишко (МИА)

Остани поврзан