• вторник, 12 ноември 2024

Трајанов: ДС бара поширок партиски консензус околу заклучоците за предлог-преговарачката рамка

Трајанов: ДС бара поширок партиски консензус околу заклучоците за предлог-преговарачката рамка
Скопје, 12 јули 2022 (МИА) - Ставот на Демократскиот сојуз е дека треба да се обезбеди поширок консензус во однос на предлог-заклучоците во врска со францускиот предлог од сите партии во Собранието, и од власта и од опозиција, изјави денеска на прес-конференција претседателот на партијата, Павле Трајанов. Како што напомена Трајанов доколку „не се создаде единство околу оваа преговарачка рамка“, тогаш ДС нема да ја поддржи. Тој потсети дека е формирана Парламентарна работна група која требаше да подготви заклучоци прифатливи за Парламентот во целина или барем за повеќе политички партии, составена од претставници на поголемите партии - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Алијанса за Албанците и ДУИ. - Ставот на Демократскиот сојуз околу ова стратешко прашање е дека треба да се обезбеди поширок консензус. Во таа насока Парламентот треба да донесе заклучоци прифатливи за мнозинството пратеници, односно за сите важни политички партии застапени во Парламентот, вклучително и опозицијата, рече Трајанов. Тој потенцираше дека Демократскиот сојуз доставил предлог-заклучоци, кои би послужиле за разговор меѓу партиите и изнаоѓање на консензус. Во предлог заклучоците на ДС, меѓу другото се вели дека треба да се води сметка за нашите национални интереси, односно во сите овие процеси да не се загрози нашиот национален идентитет. Од преговарачката рамка, како што се наведува во предлог-заклучоците на ДС, да се изостават билатерални прашања наметнати од Бугарија и во таа насока во точка 5, во последната алинеја да се избришат зборовите: „како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување, според член 12“. - На овој начин, протоколите кои ги потпишуваат Северна Македонија и Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, без да се инволвира во нив ЕУ во целина. Исто така, на првата меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворање на поглавјата, без дополнителна меѓувладина конференција, рече Трајанов. Како што се наведува во предлог-заклучоците на Демократскиот сојуз, во документот Заеднички став, од точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“, целосно да се избрише точка 11, бидејќи е непотребна, доколку Советот на ЕУ ја усвои Преговарачката рамка. Во точка 13 да се избришат зборовите „Откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“, а во точка 14 да се избришат зборовите „Во таа насока, го поздравуваме договорот за Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана согласно со член 12 од овој договор“. Исто така, се бара Советот на Европската Унија да дефинира обврска, Софија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, поврзани со правата на Македонците во Бугарија. Како што посочи Трајанов, кога ќе се закаже седницата во Собранието, односно кога точката за Информацијата по содржината на предлог-преговарачката рамка ќе биде ставена на дневен ред, тогаш овие предлог-заклучоци ќе бидат доставени до собранискиот претседател Талат Џафери. - Овие предлог заклучоци се основа за разговор, доколку постои политичка волја. Ниту една од поголемите партии до сега не се изјаснила дека ги прифаќа, додаде Трајанов. бт/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан