• среда, 25 декември 2024

Трамп со осуди и лутина за импичментот, а пофалби за симнатата вина

Трамп со осуди и лутина за импичментот, а пофалби за симнатата вина
Вашингтон, 6 февруари 2020 (МИА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска од Белата куќа во негов познат манир на говор од позиција на „посилниот“ истакна дека е целосно ослободен од вина, ги пофали поддржувачите, а поради импичментот се нафрли на ривалите, јави дописникот на МИА од Вашингтон. Адам Шиф и Ненси Пелоси, најистакнатите демократски претставници кои ја започнаа и спроведоа истрагата за негово отповикување во Конгресот, претседателот ги нарече „порочни и ужасни луѓе“. - Најголемо зло. Корумпирани политичари, валкани полицајци, свиркачи и лажговци. Ова никогаш не треба да му се случи на ниту еден претседател. Не знам дали би го преживеал, истакна претседателот во тирада од осуди долга повеќе од половина час. Говорот го продолжи со осуда на американските безбедносните служби. Истрагите водени досега за вмешаноста на Русија во изборите ги стави во еден куп, критикувајќи ја така наречена „длабока држава“, термин со кој десничарските групи и движења во САД го означуваат наводното своеволие на тајните служби. Трамп ги именуваше поранешните ФБИ оперативци Питер Строк и Лиза Пејџ. Го спомена и специјалниот обвинител Роберт Малер, изразувајќи незадоволство за тоа како многу електронски пораки на Строк и Пејџ биле избришани. Тој напомена и за досието на британскиот агент Кристофер Стил, нарачано од партискиот орган Демократски национален комитет во предизборни цели на Хилари Клинтон, противкандидат на Трамп на изборите во 2016 година. Досието е „фалсификат“, рече тој. Го истакна партискиот карактер на иницинарниот импичмент од страна на демократите и не изустувајќи го името на сенаторот Мит Ромни, напомена за еден „несуден кандидат за претседател“. Ромни е единствениот републиканец, кој синоќа во Сенатот пресуди вина и оставка за претседателот, и поради политичката храброст да отстапи од зацртаната партиска линија сега се соочува со лавина критики и закани од тврдокорните конзервативни поддржувачи на Трамп. Во вториот дел од говорот, која траеше уште половина час, Трамп високо ги оцени поддржувачте, и за дадената помош ги нарече „другари“. Тој ја поздрави улогата на лидерот на сенатското мнозинство, Мич Меконел, посочувајќи дека тој завршил „фантастична работа“. Ја подвлече и улогата на сенаторот републиканец Чак Грасли, нарекувајќи го „неверојатен младич“. Зборови на пофалба имаше и за други конгресмени републиканци кои застанаа во негова заштита од импичментот, како Дејвид Њунес и Стив Скализа. Истакна дека неговиот синоќешен говор бил поддржан од многу Американци и дека настанот бил „празник“. Трамп изрази увереност за повторна победа над демократите на следните избори. - Духот на републиканската партија денес е посилен отсекогаш, рече тој, додавајќи и дека Абрахам Линколн бил републиканец. Претседателот ја уважи улогата на неговото семејство за поддршката што од нив ја добил во тешките моменти. Во заклучок, изјави дека земјата под негово претседателство ќе продолжи со прогрес и ќе биде повторно почитувана во светот. кб/ми/

Остани поврзан