Трамп се откажа од тужбата против својот поранешен адвокат
- Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска се откажа од тужбата против неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој стана сведок на обвинителството во случајот за кој на Трамп ќе му се суди во 2024 година во Њујорк.
Вашингтон, 6 октомври 2023 (МИА) – Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска се откажа од тужбата против неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој стана сведок на обвинителството во случајот за кој на Трамп ќе му се суди во 2024 година во Њујорк.
Трамп во април поднесе тужба до федералниот суд во Флорида против адвокатот за прекршување на договорите за професионална тајност и доверливост, барајќи отштета од 500 милиони долари.
Сепак, Трамп поднесе барање до судот доброволно да ја повлече тужбата, без да даде детали за таквата одлука.
Адвокатот на Коен потврди дека Трамп наместо рочиштето закажано за следната недела, доброволно се откажал од тужбата и обештетувањето од 500 милиони долари.
– Кукавичкото повлекување на тужбата го означува крајот на последниот обид на Трамп да ме одврати од вистинитото сведочење против него, рече Коен.
Непосредно пред претседателските избори во 2016 година, Коен, тогаш наречен „питбулот на Трамп“, платил 130.000 долари од својот џеб на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да молчи за сексуалниот однос за кој таа рече дека имала со Трамп во 2016 година.
Потоа, во 2018 година, американските медиуми ја открија таа финансиска трансакција, но Коен го покриваше претседателот и рече дека Трамп не дал пари за да ја замолчи Сторми Даниелс.
Сепак, написот за тоа објавен во Вол Стрит Џурнал го поттикна интересот на правосудниот систем.
По истрагата за финансиски малверзации на сметка на Коен, адвокатот се сврте против Трамп. Коен призна дека примил 11 чекови за да ги покрие трошоците поврзани со поткупување на порно ѕвездата.
Меѓутоа, тие плаќања биле од сметката на Организацијата Трамп, па судот го обвини Трамп за финансиска измама. Судењето е закажано за март 2024 година.
На Трамп му се суди и за незаконски обид да ги поништи резултатите од претседателските резултати во 2020 година. И тоа судење започнува во март следната година.
Поранешниот американски претседател, исто така, треба да се појави на суд во Флорида во мај 2024 година за несовесно постапување со доверливи документи по неговото заминување од Белата куќа.
Сè уште не е одреден датум за неговото судење, овој пат во Џорџија, во случајот на одредени незаконски практики за време на претседателските избори во 2020 година. јт/
Фото: МИА архива