• четврток, 26 декември 2024

Трамп се враќа на политичката сцена, денеска митинг во Охајо

Трамп се враќа на политичката сцена, денеска митинг во Охајо
Вашингтон, 26 јуни 2021 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ќе одржи митинг во Охајо, што ќе биде неговиот прв собир по напуштањето на Белата куќа. Тоа ќе биде и прв митинг откако неговите приврзаници упаднаа во Капитол во јануари, кога загинаа пет лица, потестуваат американските медиуми. Според аналитичарите, овој собир може да навести негов можен ангажман на изборите за Конгресот во 2022 година, а можеби и на планови за нова претседателска кандидатура во 2024 година. Иако Трамп веќе говореше на митинзите на Републиканците по поразот на изборите, овој митинг во Охајо, сојузната држава каде победи на изборите во 2020 година, претставува враќање на масовните митинзи кои се клучни за одржување на поддршката во партиската база. Исфрлен од Твитер, Фејсбук и другите социјални мрежи што ги користеше за да комуницира со своите приврзаници, Трамп со нетрпение го чека враќањето на сцената, пишува Ју Ес Еј Тудеј. Организаторите најавуваат дека овој ќе биде прв од неколкуте настапи на Трамп со цел да ги поддржи кандидатите на внатрепартиските избори. Политичките аналитичари велат дека ваквите настани на Трамп ќе му дадат платформа да се наметне повторно како лидер на Републиканската партија, да ги промовира неговите теории на заговор за изборите во ноември и да ги подмири старите сметки, се вели во текстот на Ју Ес Еј Тудеј. ссм/

Остани поврзан