• среда, 25 декември 2024

Трамп: Продажбата на авиони Ф-35 на Емиратите за мене не претставува проблем

Трамп: Продажбата на авиони Ф-35 на Емиратите за мене не претставува проблем
Вашингтон/Ерусалим, 15 септември 2020 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска за „Фокс њуз“ изјави дека продажбата на авиони Ф-35 на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) нема да му претставува проблем, иако тоа било „камен на сопнување во историските преговори за нормализирање на односите на таа земја со Израел“. - Јас лично нема да направам проблем за тоа, рече Трамп неколку часа пред потпишувањето на договорот за нормализација меѓу Емиратите и Израел.
Таканаречените „Аврамски договори“, за нормализација, ќе бидат потпишани денеска во 18 часот по средноевропско време. Еврејската држава, која располага со авиони Ф-35, се спротивставува да ги купат други земји на Блискиот исток, повикувајќи се на законите на САД, врз основа на кои Израел треба да има воена предност, јавуваат израелските медиуми.
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху негираше дека одобрил САД да продаваат вакви авиони на Емиратите како дел од договорот, иако извештаите во Израел и САД укажуваат дека тој се согласува на тоа.
Американските власти изјавија дека продажбата е можна, но ветија дека ќе ја задржат израелската воена предност во регионот. Во меѓувреме, Нетанјаху беше принуден да побара полномошно од израелскиот министер за надворешни работи Габи Ашкенази за да потпише договор за нормализација и со Емиратите и со Бахреин, објавија израелските медиуми. Како што пренесуваат, во последен момент Нетанјаху бил информиран дека нема овластување да ги потпише тие документи. Трамп денеска прво ќе го прими министерот за надворешни работи на Бахреин, потоа на Емиратите, а потоа заедно со неговата сопруга Меланија Трамп ќе го примат и Нетанјаху во Белата куќа. Високиот советник и зет на американскиот претседател Трамп, Џаред Кушнер го пофали претстојното потпишување договори за Блискиот исток. - Мислам дека она што го гледаме сега е почеток на крајот на долготрајниот израелско-арапски конфликт. Многу луѓе рекоа дека кога ќе биде избран претседателот Трамп, тој ќе донесе војна и хаос, но она што тој го носи денес е мир, рече Кушнер. Тој изрази надеж за намалување на тензиите во регионот и придонес кон многу постабилен Блиски исток. паг/
 

Остани поврзан