• четврток, 26 декември 2024

Трамп победи на внатрепартиските избори во Невада

Трамп победи на внатрепартиските избори во Невада

Лас Вегас, 9 февруари 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на внатрепартиските избори во сојузната држава Невада, што го доближи уште повеќе да биде претседателски кандидат на Републиканската партија.

Трамп, убедливиот фаворит во трката за републикански претседателски кандидат на изборите на 5 ноември, беше единствениот силен кандидат кој учествуваше на пратеничката група во Невада.

Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, која е единствената противкандидатка на Доналд Трамп во трката за претседателска номинација на Републиканската партија, не учествуваше на изборот во Невада.

Два дена претходно Хејли учествуваше на класичните прелиминарни избори во Невада, каде претрпе тежок пораз, освојувајќи помалку гласови од опцијата „ниту еден од понудените кандидатите“.

Трамп не учествуваше на прелиминарните избори во Невада во вторник, бидејќи тие не даваат никакви делегати на последната конвенција на Републиканската партија во јули во Милвоки, кога официјално ќе бидат именувани нејзините кандидати за претседател и потпретседател на САД.

Во Невада се одржуваат двата вида внатрепартиски избори, поради спорот меѓу Републиканската партија и Парламентот на таа сојузна држава, кој е контролиран од Демократската партија.

Пред Невада, Трамп победи во Ајова и Њу Хемпшир.

За да стане претседателски кандидат на Републиканската партија, тој треба да собере 1.215 делегати, што би можел да го постигне веќе во март. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан