• среда, 01 април 2026

Трамп планира да присуствува на сослушувањето на Врховниот суд на САД за укинување на правото на државјанство по раѓање

Трамп планира да присуствува на сослушувањето на Врховниот суд на САД за укинување на правото на државјанство по раѓање

Вашингтон, 1 април 2026 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп планира да присуствува на денешното сослушување на Врховниот суд на САД за прашањето за правото на државјанство по раѓање, што го прави првиот актуелен претседател на САД што присуствува на усни аргументи во највисокиот суд во земјата.

Судиите на Врховниот суд на САД денеска ќе ја разгледаат жалбата на Трамп на пресудата на понискиот суд, со која се поништи неговата извршна наредба, со која се ограничува правото за стекнување државјанство по раѓање во САД.

Според извршната наредба на Трамп, потпишана на првиот ден од неговиот втор мандат, беше прогласено дека децата родени во САД од родители што се тука нелегално или се привремено немаат право да бидат американски државјани. Тоа е пресврт од долгогодишниот 14-ти амандман на Уставот на САД и федералниот закон од 1940 година, кој им доделува државјанство на САД на сите луѓе родени на американска почва, со неколку исклучоци.

Не е првпат Трамп да размислува да се појави на сослушување на Врховниот суд. Минатата година тој рече дека сака да присуствува на судското рочиште за тоа дали го прекршил федералниот закон со неговите сеопфатни царини, но се откажа велејќи дека тоа ќе го одвлече вниманието на судот.

Ограничувањата за државјанство се дел од поширокиот план на Трамп за справување со имиграцијата, но сè уште не се спроведени никаде во земјата бидејќи се блокирани во повеќе судови.

Конечната одлука на Врховниот суд за ова прашање се очекува на почетокот на летото. мс/јт/

фото: ДПА

Остани поврзан