• среда, 18 декември 2024

Трамп го критикуваше Бајден за помилувањето на синот Хантер

Трамп го критикуваше Бајден за помилувањето на синот Хантер

Вашингтон, 2 декември 2024 (МИА) - Откако американскиот претседател Џо Бајден ја искористи можноста да го помилува својот син Хантер, се огласи и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој остро го критикуваше Бајден за таквиот потег.

Во првата реакција по одлуката на Бајден, Трамп се огласи на социјалната мрежа „Truth Social“ и го спореди потегот со одлуката во која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.

-Дали помилувањето на Џо за Хантер ги вклучува и заложниците Ј-6 (6 јануари) кои сега се во затвор со години? Каква злоупотреба и потфрлање на правдата!, објави Трамп.

Слична реакција имаше и неговиот син Доналд Трамп Помладиот.

-Сите знаеја дека ќе го направи тоа. Тој само сакаше да ја донесе таа одлука во време кога тоа веќе не претставува можна последица за демократите, рече Трамп Помладиот.

Потегот на Бајден го коментираше и портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг.

-Тој правосуден систем мора да се поправи, а процесите да станат валидни. Токму тоа ќе го направи претседателот Трамп кога ќе се врати во Белата куќа, со огромен мандат од американскиот народ, заклучи тој. мс/

фото: МИА архива/„Truth social“

Остани поврзан