• недела, 24 ноември 2024

Традицијата продолжува, мартинки ќе се поделат и овој први март во Тиквешијата

Традицијата продолжува, мартинки ќе се поделат и овој први март во Тиквешијата

Кавадарци, 1 март 2021 (МИА) - Традицијата продолжува, мартинки ќе се поделат и овој први март во Тиквешијата. Секоја година на денешен ден, многу од тиквешаните  закачуваат мартинки на своите раце или ревери. Тие веруваат дека носењето на мартинките до 22 март ќе им донесе среќа во животот. 

-Така е, токму поради верувањето дека овој своевиден ритуал носи радост, адетот за носење мартинки се пренесува со герерации. Така било, така е и така ќе биде секој март во годината. Имам 72 години,  а мартинки ми врзуваа на раката или на реверот уште од кога знам за себе, од најмали нозе, рече за МИА кавадарчанката Љубица Минова,  која децении наназад има изработувано мартинки за своите најблиски,  но и за роднини и пријатели. 

Таа ​раскажа дека се изработуваат од бел и црвен конец, кои се сукаат на посебен начин. 

- Не  е  тоа само обично испреплетување на двата конца. Може да бидат од вуница, но и од свилен или памучен конец. Зависи од фантазијата на мајсторот што ги изработува, тие можат да бидат за врзување на рака, како топчиња или коцкички,  па и  мини куклички или машнички за на ревер. Црвената боја значи крв, живот и љубов, а белата,  чистота, среќа, објасни таа. 

​Минова  појасни  дека сите ги носат за зравје и среќа, а учениците плус и за успех во училиште, младите за среќа во љубовта и нивните сакани да се лепат за нив, како што се речиси залепени белиот и црвениот конец, а возрасните за резултати во работата и животот. 

- Мартинките се носат до 22 март. После тоа се вадат. Различни луѓе потоа различно постапуваат со нив, иако сите понатамошни ритуали се исто така поврзани со желбата за среќа. Едни ги закачуваат на родовити дрва што цутат,  за напредок, други ги ставаат под камења за плодност, додаде Минова. 

Мартинки носат и млади и стари, но најмладите особено им се радуваат.

Многу други граѓани потврдија исто така дека ја почитуваат традицијата.

- Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец,  за здравје и против уроци. Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или до првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и по нив се гази. Ако после еден месец под каменот има мравки, се верува дека годината ќе биде бериќетна, се дел од верувањата.свд/фф/

Остани поврзан