• среда, 27 ноември 2024

Традиционално искачување на Клепа во чест на трагично загинатите планинари Калина и Александар

Традиционално искачување на Клепа во чест на трагично загинатите планинари Калина и Александар

Велес,13 февруари 2022 (МИА) - Во организација на СПЕД  „Клепа“ од Росоман во соработка со велешките „Грин Пауер“ и „Азот“ денеска се одржи 5-то јубилејно традиционално зимско планинарско искачување на врвот Клепа на 1150 метри надморска височина, на кое учествуваа околу  600 планинари од целата земја, како и планинари од соседна Србија. Походот во вкупна должина од околу 20 километри  учесниците-планинари го изодеа за седум часа при поволни временски услови без ветер и иако облачно, сепак во релативно топло време за овој период од годината, информира за МИА, Веле Коцев од СПЕД  „Клепа“ од Росоман.

Со  овој планинарски настан бројните учесници - планинари, денеска се потсетија и им оддатоа почит и сеќавање  на трагично загинатите свои пријатели Калина и Александар кои пред  четири години загинаа на планината Ниџе при искачување на врвот Кајмакчалан во соседна Грција.

Како и во изминатите години стартот беше рано изутрината  во 7 часот во селото Сирково каде се собраа сите планинари - учесници од повеќе градови, а домаќините за добредојде и среќен пат ги нагостија со домашен леб, алва и чај.

Планинарите учесници на пат кон Подлес поминаа во Шумата на Калина и Александар каде се наоѓа и дрвцето-аризонски чемпрес  кое во февруари 2018  го засади планинарката  Калина, а во која шума организаторите во изминатите три дена засадија уште  2000 садници дрвца-багрем и аризонски чемпрес, донација од ЈП „Македонски шуми“ и други спонзори. 

По пристигнување во селото Подлес  планинарите се упатија  кон врвот Клепа каде го развиорија  македонското знаме, а потоа се спуштија во манастирот „Св Архангел Михаил“ блиску до селото Долно Чичево. Таму сите се собраа, другаруваа и евоцираа спомени од настанот на заеднички ручек по традиција војничко гравче што и годинава за сите  учесниците го подготвија во војничката менза на гарнизонт на Армијата во Велес.

 Планинарското искачување на Клепа го подржаа општините Градско и Росоман, како и неколку винарии.

Инаку, Калина Велевска  и Александар Миновски од Скопје беа учесници на првото искачување на врвот Клепа на почетокот на февруари 2018, а тогаш свое дрвца во шумата засади и Калина-аризонски чемпрес, кое сега ја краси шумата на Калина и Александар. 

 За жал една недела по походот на Клепа, Калина и Александар, трагично загинаа на 10 февруари 2018 година на планината Ниџе во соседна Грција при искачување на врвот Кајмакчалан.ад/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан