Тошковски: од 120.000 прекршоци во тест-периодот на „Безбеден град“, сега се сведовме на 500
- Заврши времето на дивеење и на брзо возење на улиците. На почетокот на тест-периодот бројката на прекршоци беше 120.000, а денеска имаме 500-600-700, некој ден и 800, но далеку драстично помал број прекршоци, рече вечерва министерот Токшвски во интервју за ТВ „21“
Скопје, 19 февруари 2026, (МИА) -
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното издание на „Клик плус“ на ТВ „21“ рече дека се гордее на имплементација на новиот систем „Безбеден град“ и дека бројот на прекршоци драстично се намалил, односно од 120 илјади на почетокот од тест-периодот, сега има само 500.
Тошковски рече дека е завршено времето на дивеење и на брзо возење по улиците.
„На почетокот на тест-периодот бројката на прекршоци беше 120.000, а денеска имаме 500-600-700, некој ден и 800, но далеку драстично помал број прекршоци. Тоа се прекршоци за недозволена брзина, минување на црвено светло или за нерегистрирано моторно возило. Тие се тие прекршоци што ги констатира системот. Во иднина ќе го имплементираме и за погрешно запирање и за погрешно паркирање. Нема човек што управува моторно возило во Скопје што не ги гледа придобивките од овој паметен систем. Го нема она дивеење на улиците, ги нема оние ненормални брзини, и тоа се гледа. Ја нема онаа нетрпеливост. Бројките на сообраќајните незгоди се намалуваат, бројките на повредени и загинати се намалуваат, целта што сакавме да ја постигнеме и тоа како има одѕив од јавноста“, изјави Тошковски.