• среда, 18 декември 2024

Тошковски: Од неопходна важност е градењето и воспоставувањето систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето

Тошковски: Од неопходна важност е градењето и воспоставувањето систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обратил на 12-от Регионален координативен состанок за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан.

Како што соопштија од МВР, Тошковски изразил уверување дека овие состаноци на регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координацијата во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје, туку и посилна соработка со Европската унија, нејзините земји-членки, агенциите на Европската унија, како и со клучните меѓународни актери активни во областа на контрола на мало и лесно оружје.

- Општо познато е дека достапноста и незаконската употреба на оружјето ја поткопуваат правдата, ја зголемуваат стапката на криминалот и ризиците од насилство и влијаат на стабилноста на нашите земји. Од неопходна важност во оваа насока е градењето и воспоставувањето на систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето, преку утврдување на процедури и механизми. Токму оваа цел ја имаше претходниот Патоказ чиешто спроведување покажа дека и покрај остварениот напредок и вложени напори, останува уште значителен дел од работата кој треба да се заврши со цел надлежните национални тела да ги достигнат највисоките стандарди и да се обезбеди ефикасна контрола на огненото оружје, потенцирал министерот Тошковски.

Тој нагласил дека како навистина успешен се покажал холистичкиот пристап кој го воведе SEESAC во контролата на малото и лесно оружје. Неговата успешност, според Тошковски, се огледува и во фактот што пред неполни два месеци, министрите за внатрешни работи од Западен Балкан го усвоија новиот „Патоказ за одржливо решение за недозволено поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција 2025-2030“. Но ефектот од досегашното спроведување на Патоказот под координација на (СЕЕСАК), подвлекол, се должи во голема мера и на одржувањето и ефектуирањето на соработка и партнерства со сите постојни меѓународни и европски чинители активни во оваа област.

Тошковски изразил уверување дека она што ќе следува во петте следни години на негово спроведување, не смее да биде ништо помалку од работа и посветеност на процесот, имајќи предвид дека тоа во голема мера ќе ги олеснува и насочува тековните напори за исполнување на клучните безбедносни стандарди за членство во Европската унија.

Министерот Тошковски на маргините на регионалниот координативен состанок оствари и билатерална средба со Бојана Балон, раководител на (СЕЕСАК) - Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна Европа.  цр/са/

Фото и видео: МВР

Остани поврзан