• среда, 18 декември 2024

Тошковски: Ковачевски е македонски државјанин и нема побарало отпис, купениот адитив во РЕК „Осломеј“ не бил ниту користен

Тошковски: Ковачевски е македонски државјанин и нема побарало отпис, купениот адитив во РЕК „Осломеј“ не бил ниту користен

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, осомничен во акцијата „Адитиви“, не е достапен на органите за прогон, но дека тие ќе сторат се што е во нивна законска надлежност да постапат со цел да биде обезбеден и да биде изведен пред правосудните органи. Купениот адитив бил трипати поскапо наплатуван, а според доказите што ги соопшти Тошковски, речиси и да не бил користен, а тоа што било искористено нанело штета на блоковите во РЕК „Битола“. Во акцијата досега се запленети 220 илјади евра. 

- Она што е факт е дека посоченото лице е во рамки на регистарот на државјани на Македонија, истото е државјанин македонски и не побарало отпус, согласно информациите кои ги имам во овој момент, рече Тошковски, одговарајќи на, како што кажа, шпекулациите што излегоа вчера во врска со Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи не кажа каде се наоѓа осомничениот поранешен директор на РЕК Битола, посочувајќи дека тоа би го оставил на надлежните органи и тие да го изведат пред лицето на правдата.   

Информираше дека само во текот на вчерашниот ден ималонад 30 претреси на простории, домови и на други простории, како и два претреси за отворање на сефови поврзани со дел од приведените лица.

- Оваа акција беше доста сеопфатна и досега морам да потенцирам мислам дека е најголема акција која што е спроведена во Македонија од аспект на штета на буџетот на македонскиот народ и македонските граѓани која што е сторена при една енергетска криза, кога граѓаните трпеа крај со крај за да можат да си ги платат своите сметки за струја, особено правните лица, а притоа одредени недобронамерници, луѓе коишто им биле доверени високи позиции државни од една страна, од друга страна луѓе коишто преку ноќ без вработени формирале фирми кои до вчера се занимавале со продажба на канцелариски материјали наеднаш стануваат фирми коишто тргуваат на големо со ваков тип на адитиви и притоа заработуваат милионски суми коишто се пута три од пазарните цени, рече Тошковски.

Министерот вели дека постојат сомненија и огромен број докази дека „она што е наплатувано е плаќано најмалку трипати повеќе од реалната цена“, но најстрашно во оваа постапка е што освен тоа што има фингирани понуди при отпочнување на процесот на јавната набавка. Според него, адитивите набавени во ТЕЦ „Осломеј“ воопшто не се потрошени, додека во РЕК „Битола“ само пет отсто од нив е потрошено.  

- Освен што е платено трипати повеќе од она што требало да се плати и она што било како пазарна цена, освен што имаме фирми коишто до вчера се занимавале со продажба на канцелариски материјали и наеднаш влегле во сферата на голема трговија со адитиви, освен што немаме ниеден вработен во фирмите, освен што предметните правни лица секогаш побарувале во рамки на тендерската документација фирмата да исполнува услови, односно да има обрт соодветен барем на буџетот во рамки на конкретната тендерска постапка, а не притоа да го исклучат тој услов во рамки на спроведување на истата, она кое што е набавено во ТЕЦ „Осломеј“ ниеден отсто не е потрошено, односно нула отсто адитивите се ставени во функција, а во рамки на другото правно лице, мислам дека беше РЕК „Битола“ 95 отсто од ..... за време на енергетска криза. И после ние ќе говориме дали имало душманско крадење на парите на народот. Ај што имало душманско крадење, туку тоа било толку многу дрско што си дозволувале на еден ваков бесрамен начин да ги прават овие работи, рече Тошковски.

Најави дека ќе реагираат на сите сознанија за корупција и криминал. - Не смееме да дозволиме на грбот на граѓаните одредени лица, поранешни функционери да купуваат луксузни возила, да градат скапи хациенди, да имаат милионски суми на сметка во евра, а притоа тоа сето да го сторат во рамки на една нелегална, дрска, душманска постапка на крадење на парите на граѓаните и нема да го дозволиме тоа. За сите оние за коишто има основани сомневања дека сториле ваков тип на кривични дела експресно ќе бидат спроведени постапки почитувајќи ги принципите на пресумпција на невиност, почитувајќи ги сите процедурални правила на игра, почитувајќи ја процесната правда, но пораката мора да биде јасно упатена до сите дека криминалот на сметка особено на парите на народот е неисплатлив, рече Тошковски.

Најави дека сето она што во оваа постапка е одземено или пак ќе следи во насока на замрзнување на имоти ќе биде конфискувано. 

Во акцијата „Адитиви“, како што потенцира, се одземени приближно околу 220 илјади евра во кеш во различни валути и доколку се докажат сомневањата кои се поткрепени со докази, тогаш тие ќе бидат предмет на конфискација и ќе бидат вратени во државниот буџет.

Првичната штета, вели Тошковски, се претпоставува дека е 6,5 милиони евра, но тој не застанува на таа сума.  Некој, додава тој, ќе треба да ја плати и штетата што е направена на енергетскиот сектор.  

- Икрено од информациите коишто ги имам не би застанал на таа вредност, односно постојат основани сомненија дека ова што е набавувано како во вредност на злато, а притоа не е употребено во 95 отсто од ситуациите, тие 5 отсто кога било употребено сторило дополнителна штета на блоковите и такви основани сомненија постојат. Доколку се докаже дека е сторена дополнителна штета при работењето на правното лице, таа штета ќе треба да ја плати, рече министерот за внатрешни работи. 

Тошковски денеска присуствуваше на настан на Комората за приватно обезбедување на тема поврзана со инклузивност на жените во безбедносниот сектор.

- Истакнавме дека жените во рамки на МВР кога говориме за менаџерските позиции веќе ги има на повеќе од 45 отсто од позициите, така што несомнено улогата на жената во рамки на менаџирањето и тоа како е потврдена во функционирањето во рамки на МВР. Исто така, потенциравме кое значење го има улогата на жената и во менаџирањето во рамки на сите оние правни лица коишто се занимаваат со обезбедување на имот и лица, рече Тошковски. ев/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан