• среда, 04 март 2026

Тошковски за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство, а сопругот бил апсен и имал криминално досие

Тошковски за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство, а сопругот бил апсен и имал криминално досие

Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Пред падот на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја од балконот, во текот на вчерашниот ден имало и претходен настан со сопругот, односно расправија на сопружниците, откри на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој изрази сочувство и, како што рече, „ги споделувам болката и револтот што се чувствува во јавноста“. Против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка, а досега се евидентирани и десет кривични пријави против него од областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. 

- Според досегашните утврдени факти, настаните на 2 март 2026 година имале претходница, која е предмет на детаљна анализа. Имено, на истиот ден е примена пријава поврзана со расправија меѓу сопружниците. По приемот на пријавата, полициски службеници биле упатени на самото место и во 12.19 часот пристигнале на наведената локација. На самото место бил извршен разговор со Ивана, при што таа изјавила дека нема физички контакт меѓу неа и нејзиниот сопруг, дека се работело за недоразбирање, кое го решиле по мирен пат и дека не бара полициска интервенција, ниту поведување каква било постапка. Дополнително, таа навела дека брачните односи ги решава преку разводна постапка и дека ќе ги регулира по институционален пат - вели Тошковски. 

На службената полициска белешка се потпишала починатата Ивана по што жртвата заминала и се упатила кон станот на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов број 10/96, каде што во 14.10 часот од страна на случаен минувач е пријавено дека од зграда на булевар жена со дете паднале од балкон. Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека сите комуникации и настани се документираат и ќе бидат предмет на анализа за овој случај. По усна наредба, од слобода е лишен Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на шестгодишната Катја, а поради сомневање за сторено кривично дело. Јовановски се наоѓа во полициска станица и со него се работи и се врши целосно документирање на случајот и, како што вели Тошковски, против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. 

Министерот Тошковски рече дека во изминатите години од страна на СВР Скопје се поднесени вкупно 10 кривични пријави против Јовановски во делот на областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. 

- Во декември 2025 година, по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога бидејќи кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога, тој бил лишен од слобода, при што Министерството за внатрешни работи почнало брза постапка и доставило кривична пријава до надлежен јавен обвинител - вели Тошковски. 

Министерот Тошковски истакна дека лани и оваа година за Јовановски се евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците.

- По секоја пријава, полицијата постапувала, се преземале мерки во согласност со законот, кои се целосно документирани. Но, во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, односно таа се откажувала од водење понатмошни постапки - изјави Тошковски. 

Тој потенцира дека е свесен оти јавноста очекува одговори и уверува дека сите детали и постапки за овој случај ќе бидат испитани детаљно. вдј/вг/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан