Тошковски: Единицата за интервентна полиција е спој на решителност и професионалност кои даваат одлични резултати
- Единицата за интервентна полиција денес се одликува со оперативна мобилност и широк оперативен опфат, координираност, професионалност, а се во насока на поголема функционалност и ефикасност на севкупниот полициско-безбедносен систем на подрачјето на главниот град. Како во смисол на спроведување на законите на сите нивоа, односно домени на надлежности, така и во поглед на остварување на зацртаните проекции и планови на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Единицата за интервентна полиција денес се одликува со оперативна мобилност и широк оперативен опфат, координираност, професионалност, а се во насока на поголема функционалност и ефикасност на севкупниот полициско-безбедносен систем на подрачјето на главниот град. Како во смисол на спроведување на законите на сите нивоа, односно домени на надлежности, така и во поглед на остварување на зацртаните проекции и планови на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Ова денеска меѓу другото го истакнал министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање по повод одбележувањето на јубилејот- пет години од формирањето на Единицата за интервентна полиција, што се одржа во седиштето на оваа организациона единица при СВР Скопје во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје.
Нагласувајќи го уверувањето дека ЕИП како високообучена формација ќе продолжи да се надградува и да еволуира со цел да одговори на новите предизвици на безбедноста кои ги наметнува новото време и динамиката на животот, како и позитивните статистички показатели во работата на единицата, како што соопшти МВР, Тошковски потенцирал дека таквите резултати не обврзуваат да ја потврдиме неопходноста од вложување во модернизирање и надградување на нејзините капацитети за натамошно ефикасно справување со сите облици на криминално делување.
На свеченоста се обратил и командантот на Единицата за интервентна полиција, Васко Наумовски, кој пак се осврнал на конкретните показатели од секојдневното работење на Единицата, посочувајќи дека во периодот од почетокот на годинава заклучно со ноември 2024 припадниците на ЕИП на подрачјето на СВР Скопје извршиле легитимирање на 22.662 лица, 20.985 прегледи на лица и уште 9.096 - прегледи на патнички моторни возила, како и 477 непосредно забележани лица, а дополнително како резултат на извршувањето на работните задачи по разни основи од слобода се лишени и приведени вкупно 1.816 лица.
- За нас како припадници на Единицата, од огромна важност е фактот што актуелното раководство на Министерството за внатрешни работи препознавајќи го овој позитивен тренд јасно најави, а и практично делуваше во насока на мотивационо наградување на колегите, на нужноста од натамошни инвестирање во развојот и унапредувањето на Единицата, односно на нејзините професионално-технички капацитети, а се со цел натамошно подигање на безбедносните стандарди на подрачјето на главниот град, во името на сигурноста и спокојот на нашите сограѓани, истакнал Наумовски. цр/нд/
Фото: МВР