• среда, 18 декември 2024

Тошковски: Доколку е приоритет и во интерес на граѓаните ќе присуствувам на седница на Владата

Тошковски: Доколку е приоритет и во интерес на граѓаните ќе присуствувам на седница на Владата

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски изјави дека ќе присуствува на седница на владата предводена од Талат Џафери доколку тоа е приоритет за граѓаните и дека тој негов став не е во колизија со изјавата на лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Џафери и нема да одат на владините седници. 

-Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што се што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам, истакна Тошковски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ1.

Се надева дека ќе имаме фер и демократски избори и дека нема да имаме, како што рече,  постапки непотребни како што имаше претходно. Во врска со изјавата на неговиот лидер дека „ќе биде хорор и ќе има корнење коси“, Тошковски рече дека претседателот треба да одговори за неговиот став.

-Но станува збор за емпирија, како било досега. На крајот на денот, наш предлог беше и да се укине техничката влада бидејќи се покажа како неуспешна претходно, додаде Тошковски. 

Според него, при вчерашниот избор на преодната влада во собраниската сала имало негативна атмосфера и енергија, а кажа и зошто не бил со другите министри за заедничка фотографија по изборот. Рече дека  никој не му пристапил да му каже дека треба да се фотографира, но и да му пристапел, рече немало да оди.

-Од едноставна причина што сметам дека премиерот, начинот на којшто беше процесиран самиот овој процес, е прво нелегитимен, затоа што не ја ужива поддршката од граѓаните на начин на кој е дефиниран со Закон и, второ, е нелегален, затоа што не е предложен согласно Законот за Влада. Меѓутоа, јас ќе ги преземам во рамки на моето работење согласно Закон сите оние чекори кои треба да бидат преземени, изјави Тошковски.

Тој не смета дека е предложен за технички министер од ВМРО-ДПМНЕ поради пријателството со Мицкоски туку дека функцијата му е доверена врз основа на големото искуство што го има во областа на правото и адвокатурата, а дека „токму владеењето на правото е она што моментално е тотално дерогирано“. хс/са/

Фото: принтскрин / „360 степени“

Остани поврзан