• среда, 25 декември 2024

Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, вели владиниот портпарол

Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, вели владиниот портпарол
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Нема тајни ниту анонимни хонорарци, ниту тајно ангажирани државни и административни службеници. Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, истакна денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа. -Податоците за кој временски период и со колкав финансиски надомест тие се ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост. Тоа се специфични ангажмани кои не може да се реализираат од редот на вработените и за нив не може да се отвори редовен работен однос. За таа цел се ангажирани привремено, рече Хоџа во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Нагласи дека досега имињата на тие лица не се објавени, бидејќи се работи за административни службеници кои се ангажирани привремено. -Не ја исклучуваме можноста во консултација и во соработка со надлежните институции за заштита на лични податоци и институцијата за пристап до информации од јавен карактер, ако е неопходно и ако е дозволено, во духот на транспарентност да ги објавиме сите имиња на лицата кои веќе се ангажирани како хонорарци во Владата, посочи Хоџа. Вчера во медиумите беше пренесена информација дека дополнителни анонимни 58 хонорарци во декември биле ангажирани во Владата. вј/ац/

Остани поврзан