• среда, 25 декември 2024

Топ-моделка со попреченост - инспирација и поттик за многумина

Топ-моделка со попреченост - инспирација и поттик за многумина

Лос Анџелес, 4ноември 2022 (МИА) - Тајла Клемент била отфрлена во училиште бидејќи децата ја тормозеле поради нејзиниот изглед. Имено, нејзе во животот ѝ е ускратено едно битно задоволство - насмевката.

Оваа млада девојка од Нов Зеланд е родена со ретко невролошко нарушување наречено „Мобиус синдром“, кое се карактеризира со парализа на лицето. Тајла не може да ги движи веѓите, очите, ни горната усна, па не може ни да се насмее... Но, и покрај сите тешкотии коишто ги доживеала како тинејџерка, неодамна таа потпиша договор со модната агенција „Зебеди талент“ (Zebedee Talent). Нејзината животна приказна го обиколи светот и служи како инспирација и поттик за многумина. - На тоа гледам како на бесплатен ботокс!, се шегува таа за списанието „Чири“ (Cheery). - Но, недостатокот на насмевка не ме спречува да бидам среќна и да се забавувам, додава девојката со очигледно квалитетна смисла за хумор. Сепак, таа не била секогаш така среќна, бидејќи и наставниците ја третирале поинаку. Тоа не ги олеснувало работите доволно, па и не уживала во учењето. - Не си поминував убаво на училиште, па станав асоцијална и не излегував од дома, вели таа. Нејзините родители со години се обидувале да ѝ ја вратат насмевката со низа естетски операции. Првпат на 11 години - неуспешно... По што имала потешка депресија. Сепак, тешкотиите низ кои минала Тајла не ја скршиле. Во сѐ тоа нашла сила и верба во себе. - Работев многу на себе и сега немам никакви проблеми во друштвениот живот. Целосно се прифатив себеси, пред само неколку години. Ми требаше многу време да создадам добро мислење за себе, но стануваше сѐ подобро и подобро, раскажува Кајла. Следеше профилот на Инстаграм. Таа повеќе не бега од камерата и фотоапаратот и ја раскажува својата приказна на интернет, за да ја поттикне свеста за важноста на уникатноста на луѓето. Нејзиното семејство одиграло важна улога во сѐ тоа. - Моите родители беа неверојатни, дури и кога бев помала, никогаш не се однесуваа поинаку со мене и навистина сум благодарна за тоа. Секогаш ме сакаа и ме поддржуваа во сѐ што сакав да постигнам. Среќна сум што ги имам, истакнува Кајла. Таа престана да се жали и го избра патот на самодовербата. Во тоа ѝ помогнале и медитацијата и одењето во теретана. - Веќе не се плашам од другарувањето. Навистина, сакам да го минувам времето сама, но во истовреме, веќе не ми е проблем да бидам околу луѓе и да се дружам, додаде таа. Оваа храбра девојка вели дека веќе не ја чува лутината кон луѓето кои ја тормозеле. На сите оние кои се различни и не знаат да се прифатат себеси, таа им порача: - Ако некој ве малтретира, мора да знаете дека проблемот не е во вас, туку во лошите луѓе кои сакаат да повредат други. Не треба да се менувате за да бидете прифатени, треба да бидете прифатени без разлика на сѐ! Моделската агенција „Зебеди талент“ ги застапува ЛГБТ-заедницата, како и лицата со попреченост и „видливи разлики“, со цел да го промени погледот кон светот на модата.  си/

Остани поврзан