• четврток, 26 декември 2024

Топлото време потенцијална опасност за настанување пожари, полицијата со апел да не се палат огнови

Топлото време потенцијална опасност за настанување пожари, полицијата со апел да не се палат огнови
Тетово, 22 јуни 2021 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Тетово  апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња со цел да се избеге појава на пожари. Од полицијата потсетуваат дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до осум години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. - Со настапувањето на значително повисоките температури, покрај другото, ќе се зголемат и потенцијалните опасности за настанување пожари и во Полошкиот регион. Ова, дотолку повеќе што на подрачјето има бујна вегетација, забележително е зголемена вкупната раздвиженост и поради тоа неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец. Покрај ова, на оние кои деновиве ќе престојуваат на излетничките места во регионот, им се укажува да се воздржат од  палење огнови, кои многу брзо можат да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и  материјални и други последици од несакани размери. На граѓаните им се советува, исто така, на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово. Од Секторот за внатрешни работи Тетово потенцираат дека веќе се преземаат координирани превентивни и други мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје. ас/цр

Остани поврзан