• петок, 27 декември 2024

Топлотниот бран поволен за жетвата на јачменот и пченицата, останатите култури загрозени

Топлотниот бран поволен за жетвата на јачменот и пченицата, останатите култури загрозени

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Топлотниот бран со многу високи температури што ја зафати земјава неповолно влијае на сите земјоделски култури. Единствено, како што велат агрометеоролозите, сувото и топло време е поволно за жетвата на јачменот која е при крај, како и за жетвата на пченицата која е во полн ек.

-Загрозени се сите култури, пролетните, окопните, индустриските, градинарските, овошките, виновата лоза, особено оние каде нема доволно услови за наводнување. Загрозени се и повеќегодишните култури кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Според нив, потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Затоа, се препорачува производителите да ги користат сите можни капацитети за наводнување.

-Во следните денови продолжува периодот на сончево и многу топло време со дневна температура која наместа ќе надминува 40 степени. Од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Во недела во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура на воздухот ќе се движи во интервал од 14 до 24, а максималната од 34 до 42 степена, потсетуваат агрометеоролозите. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан