• вторник, 24 декември 2024

Топлотен бран го зафати југот на Франција среде Олимписките игри, жешко време и во Париз

Топлотен бран го зафати југот на Франција среде Олимписките игри, жешко време и во Париз

Париз, 29 јули 2024 (МИА) - Топлотен бран денеска го зафати југот на Франција, каде се наоѓаат одредени локации за олимписки натпреварувања, а висока температура утре ќе има на подрачјето Париз, каде се одржуваат повеќето настани за време на Олимписките игри (ОИ).

„Во поголемиот дел од југот на земјата температурата би можела да достигне и до 40 степени Целзиусови“, соопшти француската метеоролошка служба.

На југозапад изутрината во 5 часот на метеоролошката станица во градот Бордо температурата изнесуваше 24,4 степени.

Бордо е домаќин на женскиот и машкиот олимписки фудбалски турнир, но за денеска нема закажани натпревари.

Во Марсеј, каде се одржува натпреварот во едрење, вчера беше многу топло, а ветер речиси и да отсуствуваше.

Во Париз и неговите блиски предградија, каде што се одржуваат повеќето олимписки настани, утре температурата ќе достигне 35 Целзиусови степени, а ноќта меѓу вторник и среда ќе изнесува 22 степени, соопшти француската метеоролошка служба.

Француската опсерваторија за следење на загадувањето на воздухот во Париз соопшти дека денеска е лош квалитетот на воздухот во француската престолнина.

Во текот на денот, париските власти ќе поделат околу 2,5 милиони шишиња вода во јавниот превоз и на гледачите на натпреварите, како и околу 200.000 шешири и лепези.

Олимписките игри, кои почнаа на 26 јули, ќе траат до 11 август. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан