• петок, 27 декември 2024

Топлата вода ги топи слабите точки на „Глечерот Судниот ден“ на Антарктикот

Топлата вода ги топи слабите точки на „Глечерот Судниот ден“ на Антарктикот

Вашингтон, 16 февруари 2023 (МИА) - Научниците кои го проучуваат огромниот глечер Твајтс на Антарктикот, наречен глечер Судниот ден, тврдат дека топла вода навлегува во неговите слаби точки и го зголемува топењето предизвикано од зголемената температура на воздухот, се наведува во двата труда објавени денеска во списанието „Нејчр“ (Nature).

Твајтс, кој е приближно колку Флорида, претставува глобален потенцијал за пораст на нивото на морето за повеќе од половина метар Тоа би можело да ги дестабилизира соседните глечери што може да предизвика дополнително покачување од три метри.

Глечерот Тејтс го истражуваа тим од 13 американски и британски научници околу шест недели на глечерот кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година. Тоа е најголема теренска кампања досега спроведена на Антарктикот.

Научниците користеа подводно роботско возило „Ајсфин“ (Icefin), следејќи ја линијата на заземјување на глечерот, каде што мразот се лизга од глечерот и првпат се среќава со океанот.

Во еден од трудовите, предводени од Бритни Шмит од Универзитетот Корнел, откриено е дека потопла вода навлегува во пукнатините и другите отвори познати како тераси, предизвикувајќи странично топење од 30 метри или повеќе годишно.

- Топлата вода навлегува во најслабите делови на глечерот и ја влошува ситуацијата. Тоа е нешто за кое сите треба да бидеме многу загрижени, посочи Шмит, додавајќи оти климатските промени допираат до изолираниот Антарктик.

Научниците претходно зависеле од сателитски снимки за да го покажат однесувањето на мразот, поради што не можеле да добијат прецизни детали.

Според програмски директор за наука за Антарктикот во Националната научна фондација, Пол Катлер, кој не беше вклучен во мисијата на Антарктикот, „наодите ќе помогнат да се развијат модели за климатски промени“.

- Овие работи сега можат да се земат предвид во моделите кои ќе предвидат идно однесување, а токму тоа беше целта на оваа работа, истакна Катлер. ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан