• недела, 24 ноември 2024

Том Хенкс главен говорник на завршната свеченост на Харвард

Том Хенкс главен говорник на завршната свеченост на Харвард

Вашингтон, 22 март 2023 (МИА) - Американскиот актер и двоен оскаровец Том Хенкс е именуван за главен говорник на завршната свеченост по повод дипломирањето на Харвард годинава на 25 мај.

- Том не само што е брилијантен глумец, тој има и вродена емпатија и длабоко разбирање за луѓето. Тој придонесе за нашата национална култура и ја зголеми нашата способност да ги цениме личностите и настаните кои се заборавени... Вистински мајстор на својот занает!, истакна претседателот на Харвард, Лоренс Бекоу.

Меѓу претходните говорници на Харвард се и поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, починатиот активист за граѓански права и американски пратеник, Џон Луис, како и режисерот Стивен Спилберг.

Том Хенкс (66) зад своето име има речиси стотина филмови. Бил шест пати номиниран за „Оскар“, а престижната награда за најдобар глумец ја доби за улогата во филмовите „Филаделфија“ во 1993. и „Форест Гамп“ следната година. Хенкс е познат и по својата филантропска работа, поддржувајќи го Националниот музеј на Втората светска војна во Вашингтон и служејќи како раководител на кампањата „Скриени херои“, којашто има за цел да ја подигне свеста за проблемите со кои се соочуваат старателите кои работат со ветераните.

По улогата на адвокат кој боледува од СИДА во „Филаделфија“, Хенкс стана поборник за подигање на свеста за оваа болест и оттогаш ги поддржува и Фондацијата за истражување на СИДА и Педијатриската фондација за СИДА „Елизабет Глејзер“.

Покрај „Оскарите“, тој е добитник и на бројни други награди, меѓу кои и наградата „Сесил Б. Демил“ за особен придонес во облата на филмот. Во 2016 година, претседателот на САД, Барак Обама му го врачи Претседателскиот медал на слободата, највисоката цивилна награда во САД. Таа се доделува за значителен придонес за националните интереси, светскиот мир, културни и други приватни и јавни цели.  си/рп/

Остани поврзан