• среда, 13 ноември 2024

Товарни бродови со украинско жито блокирани во пристаништата

Товарни бродови со украинско жито блокирани во пристаништата
Киев, 2 ноември 2022 (МИА) - Товарни бродови со украинско жито денеска беа блокирани во пристаништата бидејќи Москва побара гаранции за заштита на руската флота во хуманитарниот коридор во Црното Море за извоз на жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека „на коридорот за транспорт на жито му треба сигурна и долгорочна заштита“.
„Русија мора јасно да сфати дека ќе добие остар глобален одговор на секоја мерка што го нарушува нашиот извоз на храна“, рече Зеленски.
Тој додаде дека тоа е „витално прашање за десетици милиони луѓе“.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера во разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека е „потребно“ од Киев да се добијат „реални гаранции за строго почитување на договорот од Истанбул, конкретно дека хуманитарниот коридор нема да биде употребен за воени цели“.
Договорот за испорака на жито беше потпишан на 19 јули во Истанбул под покровителство на Турција и ОН и овозможи извоз на милиони тони жито заробени во украинските пристаништа за време на руската офанзива врз Украина.
Русија во саботата објави дека го „суспендира“ учеството во договорот откако го обвини Киев дека е одговорен за нападите со беспилотни летала врз нејзината флота на Крим. Нападите беа извршени користејќи го „хуманитарниот коридор“ во Црното Море за извоз на украинско жито.
Од друга страна, од Украина велат дека Русија користела лажен изговор за да не го спроведе договорот. паг/
   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан