• среда, 25 декември 2024

„Титаник II“ повторно најавен

„Титаник II“ повторно најавен

Сиднеј, 13 март 2024 (МИА) - Автралискиот политичар, рударски магнат и милијардер, Клајв Палмер повторно ја оживеа замислата за изградба на „Титаник II“ - брод „далеку подобар од оригиналот“, како што самиот вели. Палмер своето излагање за проектот го имаше во Операта во Сиднеј.

Тој повторно вети дека неговата компанија „Блу стар лајн“ планира завршување на тој „луксузен брод од врвен стил“ со девет палуби, сала за бал, базен, турска бања итн.. Но, признава дека допрва треба да се обезбеди бродоградилиште.

Инаку, замислата на Палмер (70), за модерна, современа верзија на (не)славниот брод од почетокот на 20. век, потекнува од 2012 година. Работата на „Титаник II“ почна следните 2-3 години, но беше прекината во 2015., откако изби спор за плаќањето меѓу компаниите со удел во проектот.

На последната прес-конференција Палмер ја обвини и Ковид-пандемијата за одложувањата. Тој процени дека бродот ќе тежи 56.000 тони и ќе чини меѓу 500 милиони и милијарда долари. Според наводите, финската компанија за дизајн на бродови, „Делтамарин“ го поддржала проектот. Бродот „Титаник II“ би имал ист ентериер и распоред како и оригиналниот брод.

Но, политичарот вели оти „сега има повеќе пари“ и дека овојпат луѓето треба да му веруваат.

Првиот „Титаник“ удри во санта мраз за време на своето прво патување преку Атлантскиот Океан и потона на 15 април 1912 година. Тоа значеше смрт на приближно 1.500 патници и членови на екипажот.  си/сд/

Фото: Јутјуб, фотоисечок

Остани поврзан