• четврток, 26 декември 2024

Тимови на ВМРО-ДПМНЕ викендов ќе посетат 83 населени места

Тимови на ВМРО-ДПМНЕ викендов ќе посетат 83 населени места

Скопје, 27 мај 2023 (МИА) - Во рамки на акцијата „Ова е Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ овој викенд 19 тимови ќе посетат 83 населени места. 

-Проблемите со кои се соочуваат граѓаните се лошата економија, која ги принудува луѓето да се иселуваат, партизацијата и неможноста да се дојде до работно место или да се заврши административна работа без врски со власта. Здравството е руинирано низ цела држава, образованието е заборавено, владата нема грижа за ништо. Нивите се празнат, се помалку луѓе остануваат да работат земјоделие. Проблемите на народот секаде се исти и во струмичко и во тетовско, и во струшко и во штипско и во скопско и во гевгелиско, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Народот бара решенија, а тие можат да се случат само со промени што се неминовни. По промена на власта ВМРО-ДПМНЕ, како што се посочува, ќе ја стави Македонија на брза трака за развој.

Во рамки на акцијата синоќа тимови на партијата, меѓудругото беа во селото Герман, Ранковце, Сараќино во Тетовско, во Чучер Сандево и во Битола. 

-Нема ден да не помине, а да нема некое ново разочарување кое што Владата го приредува на граѓаните, изјави Гордана Димитриеска Кочоска на средба со жителите на тетовско Сараќино.

Димитриеска Кочоска посочи дека во Собранието се изгласани закони кои се штетни за граѓаните, потенцирајќи дека додека зборуваат дека се социјалдемократска влада гласаат измени на закон за работни односи и зголемување на работните часови од 40 на 60 во текот на работната недела.

-Многу е важно ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со оваа акција која ја нарекуваме „Ова е Македонија“, да ги кажеме нашите размислување за сите теми кои се моментално актуелни, но и да искритикуваме што централната власт апсолутно не прави ништо во ниту едно населено место, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски од Чучер Сандево.

Мисајловски истакна дека во Чучер Сандево СДСМ и ДУИ ја имаат и локалната и централната власт, но ништо не направиле за жителите.

-Заедно да си ја споделиме маката која сите ја носиме посебно во делот на распродавањето на националните интереси на оваа наша заедничка држава. Но и да се запознаеме со проблемите кои што ги имаат посебно во овој дел на плодна Пелагонија во делот на субвенциите кои ги имаат, или споредбата како било, како е денес, изјави градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски на средба со граѓаните. 

Коњановски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има кадар и потенцијал да ја подобри ситуацијата во руинираното здравство и иселувањето на младите од државата. ев/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан