• петок, 27 декември 2024

Тилев за МИА: Со билатералниот скрининг треба да докажеме дека не само што го усогласуваме законодавството, туку и го имплементираме

Тилев за МИА: Со билатералниот скрининг треба да докажеме дека не само што го усогласуваме законодавството, туку и го имплементираме
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Билатералниот скрининг, односно проверка на усогласеноста на нашето со законодавството на Европската Унија почнува денеска во Брисел. Овој скрининг заедно со објаснувачкиот, што официјално почна на 15-ти септември, ќе трае паралелно и се очекува да заврши во ноември 2023 година. Државниот советник во Секретаријатот за европски прашања Драган Тилев, во разговор за МИА појаснува дека со билатералниот скрининг треба да докажеме дека не само што го транспонираме европското законодавство, туку дека тоа законодавство и во целост го имплементираме, според стандардите што важат и во земјите-членки на ЕУ. - Со објаснувачкиот скрининг Европската комисија ни објаснуваше што значи европското право, односно кои делови од европското право ќе треба да се транспонираат, односно целосно да се имплементираат во текот на пристапните преговори, до нашето членство во ЕУ. Билатералниот скрининг е вториот дел, односно билатерално се презентираат нашите наоди, односно тоа каде сме ние во транспозицијата, во пренесувањето на европското право во нашиот национален систем и како тоа го имплементираме, со посебен осврт на ова второво, вели Тилев за МИА. Тој потсетува дека од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со нејзиното потпишување и стапување во сила, веќе го транспонираме европското закнодавство и оти околу 45 отсто според нашите проценки од тоа европско законодавство е веќе транспонирано во нашиот правен систем и веќе го имплементираме, но додаде дека останува да имплементираме уште 55 отсто, што е огромна работа и да докажеме дека европското законодавство го применуваме и во пракса. -Тоа обично е со т.н. „трак рекорди“, односно статистичка евиденција пет години наназад за тоа како функционира судскиот систем, како функционира системот за контрола, финансиска контрола, како функционира Управата за јавни приходи, како функционираат сите други институции, што се занимаваат и со доделување одредени услуги на граѓаните, или пак судскиот систем и Јавното обвинителство во процесуирањето на оние случаи што се покренати или придвижени во судскиот систем, рече тој. Тилев нагласува дека треба да докажеме дека не само што го транспонираме европското законодавство, туку дека тоа законодавство и во целост го имплементираме, според стандардите што важат и во земјите-членки на ЕУ. Чекорот по билатералниот скрининг многу значаен за државава - ЕК ќе објави детални извештаи како тие нè гледаат нас  На прашање на МИА доколку не се одвива се според предвидената динамика, односно ако до крајот на 2023 не се донесат уставни измени со цел отворање на првиот кластер и дали тогаш ќе треба да се повторуваат одредени етапи од скрининг процесот, Тилев вели дека доколку се обезбеди двотретинско мнозинство и се изгласаат уставните измени, тогаш веднаш го заокружуваме оној дел од меѓувладината конференција и продолжуваме според ритамот на преговорите, така како што важи и за другите земји, во случајов и за Албанија. -Но јас би ги издвоил тие два момента на билатералниот скрининг, односно заокружувањето на целиот процес на скрининг, од овој политички момент што е обезбедување на двотретинско мнозинство што е исклучително осетлив, јас и претходно сум сугерирал дека не е добро предолго да стои отворен. Но, тоа е сепак на политичките партии, на политичарите, на Собранието да ја донесе таа одлука, се надевам во позитивна насока, вели Тилев за МИА. Заокружувањето на билатералниот скрининг, додава Тилев, треба да се гледа одвоено, затоа што тој ќе се движи, ќе имаме утврден календар усогласен со ЕК, како што рековте на почетокот, до ноември 2023 година, значи некаде до крајот на 2023, кога целосно ќе биде проценето транспонирањето на европското законодавство и функционалноста на нашите демократски институции. -Тоа е од исклучително значење заради тоа што, би рекол, чекорот по билатералниот скрининг за нас е многу важен и круцијален, а тоа се скрининг извештаите што ги подготвува ЕК, тоа се професионални, обемни и детални извештаи, за тоа не како ние се гледаме себеси, туку како тие не гледаат нас, како тие проценуваат дека ние го имплементираме европското законодавство. Тие извештаи се во четири дела – едно е пресек на европското законодавство, второто е пресек на нашето законодавство, потоа се наоди и сугестии што треба да се направи и последниот дел е она што честопати во јавноста се говори – одредниците. Дали е спремна државата веднаш да го отвори кластерот - според новата методологија се отвора во целина, колку и да има внатре поглавја и дали треба да се исполнат некои одредници за отворање на кластерот, со други зборови кои се условите за да се отвори соодветниот кластер, вели Тилев. На пример, кластерот Фундаменти, посочува Тилев, што е најобемниот, политички најосетливиот заради тоа што тој е клучниот кластер, се отвора прв, се затвора последен откако ќе се затворат сите други поглавја, што значи дека тој ќе стои најдолго отворен и е најкомплексен по својата содржина. Тоа е така, појаснува Тилев, бидејќи тој вклучува политички, економски, институционални елементи или таму е поглавјето 23 и 24, тоа е владеење на правото, функционалност на демократските институции, економски критериуми, статистика, јавни набавки и финансиска контрола и реформа на јавна администрација. -Сето тоа се елементи што се доста комплексни по својата природа, некои од нив се длабоко вертикални, задираат во функционирањето на самата држава, а други пак се хоризонтални, како реформа на јавна администрација или статистика, што се од хоризонтална природа или борба против организиран криминал итн..., тоа се сите елементи коишто ние ќе треба да ги исполниме и таму стојат две однапред познати одредници што ќе мора да ги исполниме за да ги почнеме преговорите за да го отвориме кластерот Фундаменти или Темели. Сето тоа се одредници, односно патоказ за реформа на јавната администрација и можеби најважниот – патоказот за владеење на правото. Тие се две одредници што ќе мора да ги усогласиме со ЕК, ние ги предлагаме како држава, ги усогласуваме со ЕК, потоа Советот со едногласност ги усвојува и со тоа започнува односно се отвора кластерот Фундаменти, појаснува Тилев. Тој вели дека тоа би бил епилогот евентуално до крајот на следната година, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство, доколку Извештајот на ЕК биде навреме подготвен, да бидеме подготвени за патоказите, што треба да ги усвои и Советот на ЕУ. Додава дека до крајот на следната година во некое оптимално сценарио би се отворил кластерот Фундаменти, со што земјава ќе почне да преговара, потоа и за другите кластери. Во некои области државава има напредок, во други ќе требаат дополнителни напори Во однос на тоа во кои области имаме слабости, имајќи го предвид Извештајот на ЕК во којшто се посочува дека се потребни поголеми напори во борбата против организираниот криминал и корупцијата, Тилев нагласува дека во секој од кластерите и поглавјата има и напредок, а тешки елементи ќе има во секое од поглавјата што ќе се преговараат. -Тоа е констатирано и со Извештајот на ЕК, има веќе постигнато одредено ниво на усогласеност, што исто така е констатирано од ЕК. Во јавноста веќе е познато, дека иако ние не преговараме, веќе сме на истото ниво со Србија и со Црна Гора, меѓутоа, мораме да продолжиме понатаму со реформите за да можеме тоа темпо или тоа ниво да го одржиме, па ако комплетно се заокружи целиот процес на меѓувладината конференција и продолжиме понатаму со преговорите и со другите кластери, тогаш можеби, некои во ЕК велат, можеме да станеме и т.н. „фронтранери“ или да го водиме и да го забрзаме целиот процес во пристапните преговори, посочува тој за МИА. Според него, тешки елементи има во секое поглавје, ќе има во секоја област, во секој кластер, бидејќи тоа се длабоки и би требало да бидат неповратни реформи. -Вие спомнавте, јас ќе можам да проширам, тоа е пред се борбата против организираниот криминал и корупцијата, сигналите од сите страни доаѓаат дека на тоа треба да се фокусираме, дека тоа треба да биде еден од клучните елементи во реформската програма на оваа Влада, јас би рекол и на другите влади што ќе доаѓаат потоа, затоа што процесот нема да заврши за една или две години, туку ќе продолжи и понатаму, нашиот таргет е 2030 година, дециден е тој. Вели има и поглавја од прилично комплексен карактер и каде што ќе треба голем напор. -Еве би го истакнал поглавјето безбедност на храна затоа што сите сме засегнати со безбедноста на храна со тие критериуми што треба да се применуваат во пракса, меѓутоа и заради тоа што тоа е извонредно обемно поглавје. Најголемиот дел од „acquis“ од законодавството е во делот на безбедност на храна, во делот на животна средина и во делот на земјоделие. Тие се најкрупните, најголемите поглавја и кластерите во кои овие елементи се вклучени се од огромен обем. Таму се работи за обемот на законодавството кога зборуваме за предизвиците, оценува Тилев. Во делот на животна средина, транспорт, енергетика, додава тој, таму зборуваме за огромни проекти заради тоа што зборуваме за вмрежување и регионално и вмрежување со трансевропските мрежи. -Таму станува збор за големи финансии, големи инвестиции, нашиот фискален простор со овие економски кризи во кои запаѓаме и заради ковидот и заради кризата без преседан во Украина сето тоа има ефекти и на нашиот финансиски и фискален потенцијал, кој е релативно ограничен, а инвестициите ќе треба да се направат, бидејќи тие мрежи мора да бидат не само изградени, туку и целосно вмрежени и поврзани со регионот и пошироко со Европа за да биде ефектот и поголем, вели тој. Реформата на јавната администрација комплексна, но да не биде на штета на функционалноста на институциите Тилев нагласува дека има области што се од осетлива природа заради нивната засегнатост буквално со секого. -На пример реформа на јавна администрација - тука зборуваме за мала, ефикасна итн. со години, години наназад и очигледно е дека доколку тоа било лесно ќе се направело, меѓутоа не е лесно, тоа е многу тешко затоа што засега огромен број на вработени, кои ќе треба да се реорганизираат, ќе треба да го подигнат своето ниво на административен капацитет, ќе треба да ја дигитализираме и да воведеме комплетна дигитализација во системот за да ја направиме рационална и ефикасна самата јавна администрација и да допреме до граѓаните заради тоа што тие институции постојат заради сервис и услуги за граѓаните, нагласува Тилев. Во однос на тоа дали државава има преговарачки капацитети, со оглед дека, условно кажано, има одлив од дел од квалитетните кадри од администрацијата, Тилев вели дека квалитетните луѓе се секогаш „опасност“, бидејќи опасноста е дека тие ќе бидат или побарани или самите ќе посакаат да заминат на некое друго место што е можеби подобро платено, можеби поперспективно. Затоа, оценува тој, во админстрацијата треба да се оние луѓе кои навистина се определени да работат таму, кои би сакале да се изградат и да се искажат во администрацијата. -Флуктуација секогаш ќе постои, се надевам дека нема да биде под такво ниво за да го наруши и функционирањето на самиот систем. Ние градиме систем за координација на процесот на европска интеграција уште од 1998/99 наваму, и тој постојано се надградува. Неговата фукнционалност воопшто не е доведена во прашање. Ние сме единствената држава веројатно од целиот регион која има константно стабилен функционален систем и би сакал да верувам дека младите луѓе вклучувајќи се во тој систем ќе дадат на некој начин инфузија во самиот систем, вели Тилев. Тој е дециден дека реформата на јавната администрација е комплексна и заради тоа што треба да се намали бројот на администрацијата со зголемување на нејзината ефикасност и на тој начин да се рационализираат трошоците или ударот на самиот буџет, но тоа, потенцира, не смее да биде на штета на функционалноста на инстиуциите, ниту пак на испораката на услугите на граѓаните. Проекција до 2030 државава да стане полноправна членка на Унијата Власта има за цел, доколку се се одвива според предвидената динамика, да ги заврши пристапните преговори со Унијата до 2030 година. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека е оптимист оти до крајот на скринингот ќе успееме да ги завршиме уставните измени. Тој смета дека е незамислива ситуација во која ние самите би се блокирале. Маричиќ вели дека доколку ги направиме уставните измени нема да има блокада, нема да зависи од никој друг понатамошната фаза и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина седница, а доколку не ги завршиме тие задачи, тогаш оставаме простор по завршувањето на скринингот да не можеме да организираме нова меѓувладина седница. Тој очекува оти сите ќе бидат на висина на задачата и доволно свесни да сфатат дека е потребно да се даде поддршка, особено зашто низ годините во минатото имаме правено потешки уставни измени од овие. Северна Македонија по 17 години оваа година ја одржа првата меѓувладина конференција, откако во јули годинава беше усвоен „францускиот предлог“ и со тоа беше тргната блокадата од страна на Бугарија. Одлуката за почеток на преговорите едногласно беше донесена во март 2020 година, а по потпишувањето на билатералниот Протокол на 17 јули 2022 година и добиената согласност од Бугарија е усвоена и Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ, во писмена процедура на вонредна седница на 18 јули 2022 година. На 19 јули беше одржана и Првата меѓувладина конференција, со што веќе започнаа и пристапните преговори. На 15 септември официјално започна објаснувачкиот скрининг за степенот на усогласеност на законодавството со ЕУ и според очекувањата ќе трае до ноември 2023 година. На 27 септември заврши објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер „Темели“ или „Фундаментални вредности“ на ЕУ, во којшто се опфатени владеењето на правото, политиките на добро владеење, реформите во јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии. Денеска почнува билатералниот скрининг со ЕУ и ќе се одвива паралелно со објаснувачкиот. Паралелно со скрининг процесот треба да се почне процесот за уставни измени, неопходни за отворање на преговорите по првиот Кластер Темели, односно практично преговорите нема да почнат доколку не се случат уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот. Неда Димова Прокиќ Фото: Фросина Насковиќ    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан